1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шенген доведен во прашање

Кира Шахт
13 ноември 2019

По големиот бран бегалци во 2015 година, некои европски земји воведоа гранични контроли. Шест земји сега продолжуваат со граничните контроли. Експертите тоа го сметаат за илегално и опасно за Шенгенскиот простор.

Zerrissene Europaflagge mit dem Schriftzug Schengen.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

Додека во други краеви во светот отворените граници меѓу државите не се вообичаена слика, во Шенгенскиот простор постои слободно движење на луѓето и стоките. Договорот на 26 земји, од кои мнозинството се членки на ЕУ, би требало да биде во полза на економијата и граѓаните. Јасни се правилата кога и како една земја потписничка на Шенгенскиот договор може да воведе привремени контроли на своите граници. До пред неколку години оваа пракса беше реткост. Контроли најчесто беа воведувани во пресрет на одржување на големи спортски настани или политички конференции.

„Од септември 2015 година одделни земји ги користат сите правни можности предвидени со Шенгенскиот договор заради проширување на граничните контроли. Тоа досега никогаш го немало“, вели Ив Паскоу, виш советник во бриселскиот труст на мозоци „Европски центар за политика“ во Брисел.

Но, есента 2015 година шест земји воведоа контроли. Денес, четири години подоцна, контролите и натаму се важечки, откако беа продолжувани во неколку наврати. Денеска стапува во сила уште едно продолжување.

„Од 2015 до 2017 година за овие контроли постоеше правна основа, но оттогаш, тие веќе не се регуларни“, вели Ив Паскоу, кој има докторирано на миграциско право на ЕУ. Со членот 29 од Шенгенскиот договор се регулираат контроли во траење од преку два месеца. Тој е наменет за случаи кога „постојат сериозни недостатоци во контролата на надворешните граници... поради што без контрола на внатрешните граници, би се довел во опасност целиот Шенгенски простор.“

Контролите смеат да траат најдолго две години

Ова правило дозволува контролите на внатрешните граници да бидат воведени до максимално шест месеци, со продолжувања „максимално трипати по најмногу шест месеци“. Тоа значи дека вкупниот период не смее да преминува две години. А актуелните контроли се во сила веќе четири години.

„Во моментов се наоѓаме во чисто политичка ситуација, која не се базира ни на правни, ни на фактички основи“, вели Ив Паскоу. „Сега би требало на соодветен начин да се осуди оваа ситуација или би морало да се променат правилата“. Европската комисија или некоја друга држава-членка сега би можеле да побараат од Европскиот суд да го испита ова прашање. Но, досега тоа не се случи.

Фотографија: imago/J. Gruber

Германија беше првата земја која на 13. септември 2015 година воведе гранични контроли, а од 2006 година е држава со најголем број денови на воведени контроли на границите од сите други држави-потписнички на Шенгенскиот договор. Германското Министерство за надворешни работи, кое е надлежно за граничните контроли, за Дојче веле соопшти: „Временските рокови кои ги предвидува Шенгенската спогодба, според Министерството за надворешни работи се однесуваат на секое ново поединечно привремено воведување на контроли на внатрешните граници.“ Тоа всушност би значело дека со секое ново шестмесечно продолжување, работата почнува од почеток, роковите важат оттогаш.

Тања Фајон: Комисијата не сака промена на статус квото

Европскиот парламент не се согласува со ваквата интерпретација. „Уверени сме дека овде станува збор за политичко, а не легално постапување“, изјави пратеничката Тања Фајон. „Шенгенскиот кодекс за границите за нас е јасен. Постои апсолутна горна граница од две години која може да се помести само ако со евалуација се констатираат недостатоци поради кои би бил загрозен целиот Шенгенски простор. Тоа моментно не е случај, а ограничувањето предвидено со членот 29 истече“, вели пратеничката Тања Фајон.

Повеќе: 

„Мини-Шенген“: Од геополитичка крстосница до слепа улица?

Патување без граници - запознајте го селото Шенген

Враќање кон Шенген: ЕК сака да го сврти тркалото назад

Брисел лекомислено си игра со Шенген

Европскиот парламент во мај 2018 година ги осуди контролите. Тања Фајон смета дека ова прерасна во идеолошка тема. „Порано секое повторно воведување гранични контроли беше поврзано со специфични мерки кои мораа да бидат спроведени заради опуштање на ситуацијата. Ние денес сме во позиција да го проверуваме секое лице кое ја преминува границата, а контролите на внатрешните граници сѐ уште  постојат.“ Фајон вели дека во Европскиот парламент постои впечаток дека Европската комисија не сака да ги изведува пред суд државите од Шенгенскиот договор. 

„Промената на статус-квото не е во интерес на Германија, ниту на Франција, а ни на Европската комисија. Зашто, овие земји можат да прават што сакаат, а Комисијата не мора да постапува против нив“, вели Фајон. Ив Паскоу се согласува со тоа: „Никој не би можел ни да претпостави дека Европската комисија би можела политички да преземе нешто против една земја како што е Германија.“

Настрана од прашањето за правната основа, Министерството за внатрешни работи на Германија на прашање на Дојче веле, контролите на границите ги образложува со миграциски и безбедносно-политички причини. Без да се наведуваат конкретни бројки, се вели дека „постои и натаму голема бројка на нелегални влезови во земјата и откриени шверцери на германско-австриската граница, како и поднесени барања за азил“, заедно со „значителен миграциски потенцијал на источномедитеранската рута.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми