Шест нови случаи на коронавирус, угостителите под клуч
БГ
14 март 2020
Бројот на заболени од коронавирус во земјава се зголеми на 18 лица, откако се евидентирани пет нови случаи во Дебар и еден на скопскиот аеродром. Се затвораат гранични премини и угостителски објекти
Реклама
Пет нови случаи на Ковид-19 се регистрирани во Дебар и еден на аеродромот во Скопје, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Владата одлучи да ги заостри мерките за заштита од коронавирусот со одлука за затворање на поголемиот дел од граничните премини, аеродромот во Охрид, како и трговските центри и угостителските објекти. Владата формира главен кординативен кризен штаб кој ќе го предводи техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Вкупниот број на заболени од коронавирус во Северна Македонија со тоа се искачи на 18 луѓе од кои најголемиот дел се во изолираниот кризен регион во Дебар.
„Од тестирани 12 лица шест беа позитивни на коронавирус“, изјави Филипче на прес-конференција во владата.
Заболената пациентка која стигнала синоќа со лет од Барселона, била свесна дека има покачена температура и патувала со маска и ракавици, а потоа самата се пријавила кај надлежните органи. Останатите 51 патник во авионот се упатени на домашна изолација.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
8 фотографии1 | 8
Од утре од земјава ќе се излегува и ќе се влегува само преку граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица и Блаце, како и аеродромот во Скопје. Се затвораат сите други гранични премини, како и аеродромот во Охрид. Се проширува и листата со забрана за влез на странски државјани во земјата која досега опфаќаше само земји со висок ризик. Таа отсега ќе ги опфаќа и лицата кои доаѓаат од земји со среден ризик соласно листа на Светската здравствена организација.
Од утре, недела 15.03.2020, се затвораат сите продавници во молови освен супермаркети, продавници за храна и аптеки. Забраната за работа целосно ќе важи за кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници.
„Сите останати правни лица можат да работат алтернативно преку интернет и да вршат достава“.
„Седење дома го чува јавното здравје и се става рампа на ширењето на овој вирус“, рече Филипче дополнувајќи дека е добро што има само едно место на локална трансмисија на коронавирусот, во Дебар.