Шефот на Пентагон го губи трпението кон Пакистан
7 јуни 2012Леон Панета од блиц-посетата на Кабул испрати две пораки-првата: Вашингтон останува на планираното повлекување на трупите без оглед што ќе се случи во Авганистан. Втората: САД полека го губат трпението кон Пакистан.
Ова е најострата формулација, употребена од американски владин претставник како опис на затегнатите односи на САД со Пакистан.
Панета изјавата ја даде во Кабул, каде пристигна на разговори со воените команданти во момент на ескалирачко насилство во војната против талибанците и серијата смртоносни инциденти, како што беше вчерашниот воздушен напад на НАТО во кој се тврди дека се убиени 18 селани.
САД одамна вршат притисок врз Пакистан да направи повеќе за да помогне во војната против талибанците, но односите меѓу двете земји претрпеа серија од удари, особено по едностраната акција на американските командоси во која беше ликвидиран лидерот на Ал Каеда Осама бин Ладен и која го понижи Исламабад.
„Тешко е да се постигне мир во Авганистан, додека има прибежишта за терористите во Пакистан. Тоа е сериозен проблем и нашето трпение се исцрпува“, изјави Панета.
Соработката на Пакистан се смета за судбоносна во напорите на САД да го стабилизираат Авганистан пред повеќето странски борбени единици да се повлечат од таму, на крајот на 2014. година.
Пакистан има традиционално силни врски со авганистанските талибанци и другите радикални групи. Во моментов пакистанскиот парламент изработува препораки за врските со Вашингтон, вклучувајќи и за запирање на нападите со беспилотни летала, што ги нервираат поголемиот дел од Пакистанците.