1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шешељ ги мати односите меѓу Хрватска и Србија

Уна Сабљаковиќ / А.Трајковска2 декември 2014

Во Белград оценуваат дека Шешељ бил профитер од затегнатите односи меѓу Србија и Хрватска, но дека нема трајно влијание на односите на овие земји.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Иако моментално е во центарот на интересот на јавноста, прашање е колку ќе им се придава значење на Војислав Шешељ и неговите изјави кога ќе мине бурата која по пуштањето од затвор ја предизвика врз односите меѓу Хрватска и Србија. Во овој момент водачот на радикалите меѓутоа има причина за задоволство и ликување - тој доби далеку поголемо значење отколку што објективно го има на современата српска политичка сцена.

Со одлуката поради него да се донесат резолуција и декларација во Европскиот парламент и Хрватскиот сабор „му подигнаа споменик на Шешељ“ и „му закачија лента на реверот на национализмот“, вели во разговор за ДВ надворешнополитичкиот аналитичар Бошко Јакшиќ. На Шешељ и на неговата политика им е придадено значење во момент кога целиот регион се бори против национализмот, против „едно од најопасните орудија за водење политика и правење политички кариери“.

„Мислам дека сегашната политичка статуа на Војислав Шешељ е бледа сенка во однос на она што била некогаш и во однос на злокобната радијација која ја ширеше. Затоа, да му се дава нему значење е целосно контрапродуктивно. Повторно е воведена приказна за него и во Србија и на релација Белград-Загреб и Белград-Загреб-Сараево. Не гледам полза од тоа, освен за 'домашна употреба'. Тука препознавам дел од политичката предизборна кампања во Хрватска. Имајќи ги предвид сите болни искуства од војните на овие подрачја, ме чуди тоа користење на туѓи национализми“, вели Јакшиќ.

Шешељ по враќањето во Белград (12.11.2014)Фотографија: picture-alliance /EPA/A. CUKIC

Тој додава дека Вучиќ „ништо не би го чинело“ со неколку реченици да се огради од изјавите на Шешељ, но и дека не е сигурен оти тоа би ги спречило потезите на Загреб, чии мотиви аналитичарите ги толкуваат на различни начини.

Шешељ извлечен од архивите на политиката

Српскиот премиер Александар Вучиќ остро реагираше на потезите на Европскиот парламент и Хрватскиот сабор, а тоа, како што се смета, ја родило одлуката на Зоран Миловановиќ да го откаже учеството на самитот во Белград. Реагираше и невладиниот сектор и во Белград и во Загреб, а мислењето на некои аналитичари е дека односите меѓу Србија и Хрватска долго време не биле полоши.

Главен профитер од сѐ бил Шешељ, вели Јакшиќ со оваа „политика извлечена од архив“: „Повторно се зборува за национализам, ја актуализираше приказната за Карлавац и Огулин, а кога во Србија последен пат се зборувало за тоа?“

Постои цел мозаик за интерпретација на можен мотив за барањето на Хрватска Белград да се огради од изјавите на Шешељ, а Јакшиќ не ја исклучува можноста дека станува збор за уште едно тестирање на политичкото свртување на Томислав Николиќ и Александар Вучиќ

Александар ВучиќФотографија: DW/B. Marx

Мотивите на Белград произлегуваат од внатрешанта политика

Ниту загрепската, ни белградската политичка елита се подготвени да се пресметаат со остатоците на национализмот во своите држави и со деведесеттите години и се во дослух со „толпата“, оценува долгогодишниот новинар на белградски НИН и некогашен главен и одговорен уредник на неделникот Време, Зоран Јеличиќ: „Проблемите на двете земји се на ниво на масата и на нивото на елитата - владата и црквата. Затоа мислам дека скриен мотив на овој инцидент, и од едната и од другата страна, е внатрешната политика. Со одбивањето да го исполнат барањето на Хрватска, српските власти и 'покажуваат мускули' на Хрватска, имајќи го предвид антихрватскиот набој присутен во она што се оценува како корисно“, вели тој во разговор за ДВ.

Тој оценува дека политичките елити во Србија и во Хрватска не се чувствуваат сигурно, оти не ги решаваат суштинските, правните, економските и социјалните проблеми во своите држави. „Игри како што е оваа околу Шешељ всушност се вртење на вниманието од неуспехот на обидот да се решат клучните интерни работи, а повеќето луѓе бараат живот во правно уредена држава која има економски просперитет“.

Идните односи меѓу Хрватска и Србија

Осносите на Србија и Хрватска нема да бидат одредени со актуелната ситуација, смета Бошко Јакшиќ, кој верува дека тие многу повеќе ќе зависат од одлуките на Хашкиот трибунал за тужбите на Хрватска и Србија за геноцид: „Она што помалку или повеќе јавно го посакуваат и во Загреб и во Белград е двете тужби да бидат одбиени. Тоа е една можност да се тргне во нормализација на односите. Ако некој добие, а другиот загуби, тоа на долг рок ќе биде многу лошо“.

Експертот Бошко ЈакшиќФотографија: DW/U. Sabljakovic

Јеличиќ меѓутоа не е уверен дека суштината на односите меѓу Србија и Хрватска е во Хашкиот трибунал. „Оспорување на евентуални одлуки од Хаг би било, како и Шешељ, искористено за еднократна, би рекол маркетиншка употреба“, вели тој, оценувајќи дека Белград и Загреб никогаш суштински не ги подобриле односите. Зебележува дека сѐ што се случува на релација Белград-Заргреб има влијание на целиот регион, пред сѐ на БиХ: „Босна е во пекол на неразрешен статус и неодредена иднина. Таквата состојба е последица, а изворна вина се Хрватска и Србија. Белград одржува посебни односи со Република Српска, но не сум сугурен ни дека Хрватска се одрекла од она што во БиХ го сакаше за време на Туѓман“.

Тој верува дека нормализацијата на односите не е можна без отстранување на клучните причини на она што се случувало во минатото. „Актуелните власти ни во Србија, ни во Хрватска во таа смисла не покажаа бескомпромисна подготвеност. Тоа ќе се случи во некои посреќни времиња и околности, кога ќе се изнедрат некои сериозни државнотворни политики во двете земји“, заклучува Зоран Јеличиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми