1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шиитските милиции се мобилизираат против „Исламска држава“

Биргит Свенсон/ Жана Ацеска22 декември 2014

Борбата против „Исламска држава“ станува се‘ понепрегледна. Во Ирак шиитски милиции никнуваат како печурки по дожд. Се најавува кратење на парите за нив. Последици се ограбувања и киднапирања.

Фотографија: Reuters

Судир на два света на мостот на Тигар - од едната страна на мостот еден воен конвој е запрен, пукотниците траат околу 15 минути. Од другата страна, кон хотел во багдадскиот кварт Мансур се приближува свадбена поворка, во хотелот традиционално младенците ја поминуваат првата брачна ноќ. Звуците на трубите се извиваат весело и гласно и ја надгласуваат пукотницата. На овој мост се отсликува реалноста на ирачкиот главен град: војна и мир, радост и страдање, сето тоа истовремено.

„Сите сакаат да ја контролираат сообраќајницата“, вака менаџерот на хотелот пред гостите ја коментира сцената која се одигрува на другата страна на мостот. Во меѓувреме конвојот успеа да си пробие пат и го преминува мостот.

„Моментно во Багдад не владее никаков ред и закон“, вели хотелскиот менаџер. Кога човек поминува покрај некој контролен пункт, често не знае која милиција ќе го запре. Вооружени групи од секаков вид се доминантни во сликата за градот. Тоа создава страв.

Насилството станува се‘ порадикално

Еден од оние кои влеваат страв се вика Машид Ахмед ал-Судани. Тој седи на една маса за пишување во скудно опремената соба на онаа страна на Тигар на која возеше воениот конвој. Зградата се наоѓа во градскиот кварт Карада и е само малку подалеку од местото каде уривањето на бронзената статуа на Садам Хусеин на почетокот на април 2003 година ја запечати ерата на неговото владеење.

Ирачките шиитски милиции бележат голем прилив на доброволциФотографија: AFP/Getty Images/A. Shallal

Но, насилството во Ирак не запре со тоа. Многумина Ирачани мислат дека оттогаш е уште полошо. Тоа го мисли и Ал-Судани.Тој се бореше против Ал Каеда уште во 2006/2007 година, сега се бори против „Исламска држава“. Но, овојпат неговата борба и вкупната атомосфера се многу порадикалани.

„Тогаш имаше локален терор“, вели тој. Ирачаните ги бомбардираа окупаторите. „Сега теророт е меѓународен. Лошо е што нас не‘ убиваат германски и француски џихадисти“.

Ал-Судани ја напуштил ирачката армија пред четири години и заминал во пензија. Сега тој предводи една милиција која се нарекува „Сикур“ и е дел од шесте групи на Хезболах, кои моментно оперираат во Ирак. Хезболах во Ирак нема никаква врска со истоимената либанска организација, тврдат во бирото на Судани. Заедничко им е само тоа што се шиити. А сепак, зачестуваат гласините дека либанскиот Хезболах не само што испраќа борци во Сирија, туку од неодамна и во Ирак. До работната маса на пензионираниот бригаден генерал меѓутоа се чини дека не стигнал ниеден Либанец. Во бирото се зборува исклучиво ирачки арапски јазик.

Регрутирање преку мегафон

Повикот на шиитскиот голем ајатолах Али ал-Систани во Наџаф беше она што младите мажи, како Мустафа и Реит, ги претвори во борци. Двајцата пријатели, на возраст од 25 и 22 години, во Багдад стигнале од Кербала и се приклучиле на милицијата „Сукур“ на Ал-Судани. По два месеци интензивна обука, нив двајцата бригадниот генерал ги испрати во борбите во северен Ирак, во Амерли, каде над 80 дена беа опсадени шиитските Туркмени и им се закануваше глад. Градот во близина на Тикрит беше ослободен во средината на септември. Сега Мустафа треба да замине во провинцијата Дијала, која граничи со Багдад, каде исто така се водат жестоки борби. Мустафа стои исправен и сериозен додека командантот Маџид му ги дава последните упатства за по пат. Под своја команда тој има меѓу 3200 и 3600 луѓе, вели Ал-Судани. Тие се испраќаат во акции на различни места, по потреба.

Кога борците на „Исламска држава“ во јуни во блиц-акција под контрола ставија големи делови во северниот дел од земјата, повикот на големиот ајатолах предизвика бран доброволци, што нема пример во досегашната историја на Ирак. Според непотврдени проценки, бројот на доброволни борци го надминува регуларниот состав на ирачката армија. При напредувањето на „Исламска држава“, илјадници регуларни ирачки војници дезертираа.

Ал-Судани проценува оти овие доброволци се распоредени во околу 35 различни милиции.

Ирачкиот министер Хошијар ЗебариФотографија: picture-alliance/dpa

„Само оваа недела ни се приклучија 600 луѓе“, вели тој. Речиси секојдневно на улиците на Багдад се гледаат нови постери со имиња на нови организации, кои повикуваат во борба против „Исламска држава“. Регрути-доброволци возат во конвои низ градските делови со претежно шиитско население и преку мегафони повикуваат да им се приклучат нови луѓе.

Помалку пари за шиитските милиции

Според новиот ирачки министер за финансии, Хошијар Зебари, кон шиитските милиции од јуни досега се слеани над една милијарда американски долари. Парите се неплански распоредени, претходната влада на ирачкиот премиер Нури ал-Малики не водела никакви документи за тоа. Сега Ирак се наоѓа во финансиски теснец. Зебари вети прописен буџет за 2015 година. Привлекувањето на сунитските племиња, кои сега во Анбар се борат против исто така сунитски доминираните борци на „Исламска држава“, има највисок приоритет.

Така, наскоро ќе им дојде крај на неограничените шиитски плати за војниците. Првите последици се чувствуваат во провинциите Анбар и Дијала, каде населението се жали на растечкиот криминал од страна на милициите. Тие вршеле ограбување на местата кои ги ослободиле од рацете на „Исламска држава“.

Во најновиот извештај организацијата Амнести интернешнал шиитските милици ги обвинува дури и за воени злосторства. Тие минатите месеци киднапирале бројни сунити и ги убиле. Амнести документирал случаи во Багдад, Самара и Киркук.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми