1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шилегов ќе ја дислоцира „оставштината на малиот диктатор“

ДТЗ /ДВ
2 декември 2020

„Како што Унгарија ги има дислоцирано сите статуи на Сталин, зошто да не го направиме тоа и ние со оставштината од нашиот мал диктатор“, вели Шилегов. На почетокот на годинава тој веќе најави нивно уништување

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска повторно ја оживеа идејата за дислоцирање на спомениците од „Скопје 2014", откако со слична најава излезе и на почетокот на годинава.

Шилегов предлага спомениците да се преселат во паркот во Ѓорче Петров, кој порано беше дива депонија, и таму да се направи Мементо парк. На тој начин, смета тој, не би се повредиле чувствата на граѓаните кои сакаат да ги гледаат тие споменици. Градскиот татко како пример ја наведува Унгарија каде сите споменици и обележја од времето на комунизмот се ставени во еден мементо парк. 

-повеќе на темата: Скопје, градот без аура и дух

„Мене на пример ми се допаѓа идејата дека можеби онаму каде што ја исчистивме дивата депонија во Ѓорче може да направиме мементо парк, да ги дислоцираме сите статуи од Скопје-2014, таму. На пример тоа нешто Унгарија го има направено, сите статуи на Сталин ги имаат лоцирано, или обележја на комунизмот ги имаат ставено во еден мементо парк. Зошто да не го направиме и ние со оставштината од нашиот мал диктатор“, вели Шилегов.

Но, тој укажува дека треба да бидат внимателни да не предизвикуваат нов револт во општеството.

„Македонското општество е сериозно поделено и треба да внимаваме со сите чекори и треба да имаме меѓусебна почит независно од тоа дали некому му се допаѓа или не му се допаѓа. Скопје не е град каков што е сега во центарот. Ниту бил, ниту треба да биде, ниту ќе биде. Меѓутоа, мора да почитуваме дека на некои луѓе тоа им се допаѓа и да им овозможиме тоа да го гледаат. Да не бидеме брутални во отстранувањето туку да имаме еден сосема поинаков, помирувачки општествен процес во таа работа“, рече Шилегов. 
Во февруари годинава, скопскиот градоначалник најави дека „најбрутално ќе ги реши“ спомениците од „Скопје 2014“. Подоцна истото го повтори и во интервју за грчкиот весник „Етнос“ и на трибина на сдк.мк во Скопје. 

Шилегов предлага спомениците да се преселат во паркот во Ѓорче Петров, кој порано беше дива депонијаФотографија: The City of Skopje

Под закрила на ноќта

Идејата за дислоцирање на спомениците веќе неколку години се врти во јавноста. Се споменуваат неколку спорни споменици и се предлагаа различни решенија за нивно дислоцирање. Прв „падна“ споменикот на Ќосето. Како што беа поставувани спомениците од проектот „Скопје 2014", под закрилата на ноќта, така на 22 февруари 2018 година беше и отстранет споменикот на Андон Јанев Ќосето поставен пред Врховниот суд во Скопје, по одлуката на градежната инспекција на Општина Центар. 

-повеќе на темата: Што треба да знае Петре Шилегов

Споменикот на Ќосето беше поставен пре Врховниот суд во 2014 година како донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин за град Скопје. Ова здружение донираше уште четири споменици. Кога се постави споменикот имаше реакции во јавноста за Ќосето, кој е познат како ликвидаторот на ВМРО.

Владината работна група задолжена за анализа на проектот „Скопје 2014", покрај Ќосето разгледуваше уште два споменици - Мајка Тереза и Воин на коњ. Започната е и постапка за отстранување на галиите од реката Вардар во центарот на Скопје, за што е во тек жалбена постапка пред суд.

„Во тек е жалбената судска постапка од страна на должниците за да знаеме на што сме кога се галиите во прашање, моето мислење е дека тие треба да се дислоцираат. Создадени се правните услови и ние ја почнавме постапката преку надлежен извршител, но правата кои ги имаат странките во постапката не можеме и не треба да ги загрозуваме“, рече Шилегов.

Бришење на историјата

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ваквата најава на Шилегов е „бришење на историјата“.
„Намерата на Шилегов да ги отстранува историските споменици од центарот на Скопје е само продолжение на анационалната политика на премиерот во заминување Зоран Заев. Тие очигледно се спремни да ја избришат историјата на македонскиот народ и секој споменик кој асоцира на тоа“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Шилегов, Заев и актуелното раководство на СДСМ треба да бидат свесни дека наместо спомениците на хероите, тие ќе завршат во срамниот дел од историјата на Македонија. Народот јасно кажува дека се противи на нивната штетна политика на свиткана кичма со која се негира македонскиот јазик, народ и историја. Историското буниште го чека Шилегов исто како и премиерот во заминување Зоран Заев“, велат од опозицијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми