1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ширењето на ракот добива загрижувачки размери

Свето Тоевски7 февруари 2016

Меѓу 2004 и 2014 година ракот во Македонија покажува тренд на пораст и од него просечно годишно умираат по околу 3730 лица. Превентивата и третманот на ракот се еден од главните приоритети на Министерството за здравство.

Фотографија: Imago/Science Photo Library

Надлежните државни институции објавуваат статистика, која одразува загрижувачка состојба во оваа земја. Според информацијата добиена од Институтот за јавно здравје на РМ, „во 2014 година малигните болести се втора причина за смрт кај населението со застапеност од 18.9 проценти во структурата на вкупно починати лица, веднаш после болестите на циркулаторниот систем“. „Во 2014 година од рак умреле 3730 луѓе со стапка на смртност од 180,4 на секои сто илјади жители. Бројот е зголемен за 16.8 проценти во однос на 2004 година кога се регистрирани 3194 умрени лица со стапка од 157,11 на сто илјади жители. Во анализираниот период 2004 - 2014 година смртноста покажува тренд на пораст.“ - изнесува Инстутот за јавно здравје.

Порано малигните заболувања се појавуваа кај луѓе на возраст поголема од 40 години, но, сега се дијагностицираат и кај многу помлади луѓе. Пет водечки причини за појава на рак се: нездраво однесување и нездрава исхрана, зголемена телесна тежина, недоволна употреба на овошје и зеленчук во исхраната, недостиг на физичка активност, пушење и пиење алкохол. Институтот за јавно здравје вели: Во структурата на најчести причини за смрт по поединечни дијагнози, кај машкото население во Македонија прво место зазема ракот на бронхот и на белиот дроб, а кај жените е канцер на дојка.“ Доцент Горан Димитров од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од Скопје и претседател на Лекарското друштво на Македонија за ДВ дополнува: „Во поглед на карциномот на матката кај жените Македонија во последниве 5 - 10 години се наоѓа од првото до шестото место во Европа меѓу земјите со најголема бројка на ваков канцер. На пример, во Финска или Словенија од рак на матката има заболени од 6 - 9 жени на секои сто илјади жители, а во Македонија од 16 - 24 жени на секои сто илјади жители“. Според Институтот за јавно здравје, „ракот на грлото на матката е водечка причина за смрт од ракот кај жените во земјите со ниски приходи.“

Во својата порака во врска со светската борба против малигните болести во 2016 година Организацијата на Обединетите нации и Здружението за меѓународна контрола на ракот ја нагласуваат потребата во лекувањето на разните видови канцери здравствените власти во државите во светот нагласка да дадат на превентивата: „Многу канцери можат да бидат превенирани преку одбегнувањето на изложување на ризични фактори, како што е чадот од пушењето цигари. Значителен процент од канцерите можат да бидат лекувани хирургиски, со радиотерапија или со хемотерапија.“ Дојче веле го праша Министерството за здравство: што се презема не само за лекување, туку и за превентива против ширењето на разните видови канцери, па и на матката кај жените? Ова Министерство одговара: „Раното откривање и третманот на малигните заболувања е еден од главните приоритети на Министерството за здравство. За таа цел, Министерството секоја година, па и за 2-16 - та, изготвува посебна ’Програма за рана детекција на малигни заболувања’ со повеќе превентивни активности, меѓу кои се и прегледи за карцином на грлото на матката, на дебелото црево, на простатата и на дојката. Постојано расте свеста кај населението за потребата од превентивни ’скрининг - прегледи’ и е зголемен е бројот на лица, кои се јавиле на превентивен преглед за карцином на грло на матка. Од 2012 до 2015 година се направени вкупно околу 95 илјади превентивни ’пап - тестови’, заради откривање можен рак на матката. Со нив се продолжува и во 2016 година. Од април минатата година стартуваше мамографскиот превентивен преглед за жените над 50 - годишна возраст, кој се извршува во вкупно 18 здравствени установи. Од април до декември 2015 година се извршени 5.710 мамографски снимања. На натамошни испитувања се испратени 1.090 жени.“

Дончо Донев, професор во Институтот за социјална медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, во врска со овие бројки коментира: „Во последните десеттина години Светската здравствена организација и дава големо значење на борбата против хроничните незаразни болести, меѓу кои се и канцерите, со нагласка дека тоа треба да биде највисок приоритет на здравствената политика на властите во државите, заради намалување на товарот од овие болести. Потребна е интегрирана стратегија, која ќе ги опфаќа лекувањето, но и примарната превенција, работењето со здравите луѓе, да им се укажува на потребата за водење здрав живот. Многу е важно да се дејствува во најраната фаза од појавата на малигните заболувања, во предклиничкиот период, и тогаш нивното лекување е најефтино и најефикасно. Во Македонија, као и во многу други земји во светот, недостигаат доволно активности и ресурси насочени кон таквата примарна превенција, нема доволно превентивни ’скрининг - прегледи’ за рано откривање на ракот.“

Светската здравствена организација прогнозира дека „речиси 70 проценти од сите нови случаи на канцер се очекува да се појават во земјите со низок и среден приход, каде што ресурсите достапни за превенција, дијагноза и третман на рак често се ограничени, или непостојни.“ Д-р Димитров вели: „Таа прогноза е сосема точна, па и за Македонија, бидејќи појавата на малигни и други болести е секогаш правопропорционална со стандардот на населението во земјата. Но, колку ќе биде поголема превенцијата, толку и појавата на канцерите и другите заболувања ќе се намалува. Кај одредени средноразвиени земји, кои станале високоразвиени, со текот на времето опаднал бројот на ракови и други болести. Тоа е поврзано со висината на националниот бруто - производ: колку тој ќе биде повисок, толку ќе биде поголемо и издвојувањето за здравството по еден жител.“

Професорот Дончев се надоврзува со следниве погледи, кои во голема мера се однесуваат и на социоекономската состојба во Македонија: „Покрај другите ризик - фактори, и недоволната исхрана, лошиот квалитет на живот на населението доведува до појава на рак. Истражувањата покажуваат дека во посиромашните земји е зголемен бројот на малигни заболувања. Остварувањето на бруто - домашниот производ и развиеноста на економијата се во сооднос со квалитетниот начин на живот: колку ќе бидат повисоки вработеноста и стандардот на луѓето, толку помалку ќе има и појава на рак.“

Во врска со укажувањата на СЗО македонското Министерство за здравство напоменува: „Постојано сме насочени кон унапредување на условите за лекување на пациентите и примена на најсовремени достигнувања во дијагностиката и третманот на пациентите. Набавени се шест нови дигитални мамографи за потребите на 6 јавни здравствени установи. Од нив дел се инсталирани и се пуштени во употреба, а дел се инсталираат. Нови мамографи ќе добијат хирургиската клиника ’Св. Наум Охридски’ и болниците во Велес, Штип, Куманово, Прилеп и Кочани. Вкупната инвестиција изнесува околу 651 илјади евра. Се набавуваат нови мамографи за уште четири јавни здравствени установи. Со набавката на овие апарати се овозможува мамографскиот превентивен преглед да се изведува на повеќе локации во државата, заради брзо и навремено дејствување кај пациентките. Се проширува мрежата за лекување на болните од малигни заболувања и за таа цел ќе се поставуваат нови линеарни акцелератори во клиничките болници во Битола и Штип, како и во болницата ’8 Септември’ во Скопје. Со тоа во нив ќе се овозможи примена на најсовремени радиотераписки техники. Дисперзирање на онколошката терапија е најнова мерка, со цел болните од малигни заболувања да ја добиваат таблетарната терапија и хемотерапијата во близина на местото на живеење. Хормонска и антихормонска терапија веќе се дава во болниците во Тетово, Кичево, Гевгелија и Велес, а од овој месец се продолжи со болниците во Охрид, Битола, Прилеп, Крушево и Штип. До крајот на март годинава ќе се опфатат сите градови. Во првата фаза од проектот во местото на живеење пациентите ќе добиваат таблетарна терапија, а од септември и еднодневна хормонална терапија, која е претходно подготвена на Клиниката за онкологија. На Универзитетската клиника за онкологија во Скопје целосно е отстранета листата на чекање за зрачна терапија и терапијата се добива од еден до три дена, колку што е потребно за подготовка на пациентот за терапија..“

Во врска со овие активности на Министерството за здравство Владимир Лазаревиќ, експерт за јавно здравје и здравствени политики од истиот Институт за социјална медицина, вели: „За превентива никогаш не се доволни средствата. Македонија го има зголемено финансирањето за таа цел, но, тоа е далеку под реалните потреби. Речиси секогаш и секаде парите во здравството се инвестираат во видливи категории како што се болници и опрема, а многу помалку во превентивни сервиси. Доволно е да ги погледнете активностите на институтите за јавно здравје низ државата, за да се констатира дека недостасуваат средства. Најголемиот проблем во финансирањето на превентивните активности во здравството е 'невидливоста' на брзи резултати. Потребно е да инвестирате со години, за да ги добиете резултатите по многу години. Во нашата сурова политичка реалност секогаш се бараат брзи резултати и тука превентивата секогаш губи. Имаме и позитивни примери, како што е воведување задолжителна 'ХПВ вакцина’ за борба против ракот на матката кај жените, но тука има и многу нејаснотии.“

Од Здружението „БОРКА - за секој нов ден“ за борба против ракот од Скопје информираат дека оваа година ќе покренат интернет - кампања со информации за сите граѓани за методите на превенција од канцерот како потенцијално излечива болест. Но, ако се открие во најраната фаза и ако соодветно се третира.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми