1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широка коалиција: ладни проби со широк опфат

9 март 2021

Нула искреност и многу калкулации: опозициските партии не му поверуваа на премиерот Зоран Заев

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Како што почна, така и заврши разговорот за „широка коалиција“: многу врева за ништо. Но, според реакциите што ги предизвика премиерот во опозициските редови, тешко е да се верува дека процесите отсега натаму ќе тргнат кон помирување и функционален парламент, бидејќи нервозата стана голема.

Опозицијата бараше техничка или експертска влада која ќе организира локални и предвремени избори, а Заев понуди широка коалиција во која сите партии би партиципирале во согласност со освоените пратенички мандати. Тоа, според него, би придонело за функционалност на Собранието, за помирување во општеството, за департизација на институциите спроведување на реформите во јавната администрација и подобро справување со здравствената и економската криза.

Партиите од албанската опозиција оваа понуда експресно ја оценија како „блеф“. Потврда за нивната оценка стигна од лидерот на ДУИ, од чија изјава произлезе дека меѓу владините партнери не се разговарало за широка коалиција, ниту пак тоа е прифатливо за ДУИ. Според Ахмети, не може сите да бидат во власта, некој треба да биде и во опзиција, а задача на опозицијата е да не се согласува со парламентарното мнозинство.

Предлогот на Заев во македонската опозиција беше прочитан како поддршка на иницијаторите за вонреден, мартовски конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Формулата на премиерот „ВМРО-ДПМНЕ минус Мицкоски“, („треба да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара") го стави Заев на иста линија со иницијаторите кои бараат Мицкоски да замине од кормилото на партијата.

Тое не беше единствената причина што понудата на Заев наиде на критика. Според извори во албанската и македонската опозиција, целта не била понудата да биде прифатена, туку Заев да промовира триумфализам погласањето доверба и декларираното стабилно мнозинство од 62 пратеника, да наметне впечаток дека од него зависи целата игра па дури и во дворот на опозицијата, и да тестира дали и кои пратеници би можеле да се настрват околку можноста да бидат дел од власта.

Извори од СДСМ,пак, велат дека без разлика како некому му изгледала понудата, широката коалиција може да биде неопходна „веќе утре“, имајќи ги предвид реформските предизвици и потребата од заедничко дејствување без опструкции и блокади. Како пример ја посочуваат реформата на јавната администрација, процес кој сметаат дека поефиксно ќе се спроведе ако сите партии стојат зад него.

ВМРО-ДПМНЕ: Проѕирна игра

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ не веруваат на ваквите тврдења. Велат дека Заев е демаскиран, неговата игра проѕирна и дека тој си бара сламка за спас.

„Предлогот на Заев за техничка влада во која тој ќе ги определува нејзините членови од опозицијата, а тој самиот да остане премиер е сламка за негов спас, доказ дека нема ништо ниту од стабилното мнозинство кое лажно го најавуваше во парламентот, ниту пак е способен да постигне резултати во било која област. Зад овој предлог на Заев се крие желбата за амнестија на неговиот криминал“, велат за ДВ од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, бледи и целосно неуверливи се наводите декаширока коалиција е потребна и за реформи во администрацијата.

„Заев е 4 години власт во државава, и наместо реформи администрацијата остана и се збогати со партиски вработувања, гнездо на корупција и непотизам. Во исто време додека вели дека ќе правел реформи на администрацијата, има отворено огласи за стотина нови партиски вработувања, меѓу кои и во неговиот кабинет. Над 130 нови договорни вработувања се предвидени и во Градот Скопје, што значи станува збор за целосно измислена причина. Реформите Заев ги најавуваше и на последните избори, а првото нешто по изборите, неговиот вицепремиер Љупчо Николоски го вработи неговиот чичко во Агенцијата за цивилно воздухопловство за плата од 60 илјади денари. Јасно е дека Заев бара широка влада која ќе може да сподели одговорност за крахот во здравството и економијата, да сподели одговорност за нов капитулански договор со источниот сосед и да овозможи амнестија за криминалот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев: Ги вративме слободата и демократијата

27:58

This browser does not support the video element.

Од партијата се децидни дека нема да прават пактови со кримналот, а првото нешто што ќе се случи е одговорност на сите што се огрешиле.

„Нашиот став со кој претходно настапивме е техничка или експертска влада која ќе организира локални и предвремени избори“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ново мнозинство – поедноставно?

Според познавачи на собраниските прилики, опозициските партии во парламентот сега ќе бидат уште помотивирани да ја тестираат функционалноста на Собранието низ моќта на сегашното мнозинство. Тоа значи дека може да се зголеми бројката на законски проекти кои ќе чмаат поради тоа што мнозинството не ќе може да обезбеди кворум за работа на парламентот, а опозицијата ќе одбива да му помогне.

Особено, откако Заев фрли и друга ракавица: покрај најавата дека е подготвен да отвори дијалог со опозицијата за влегување во владата, најави и дека очекува мнозинството од 62 пратеника да расте, што создаде конфузија околу вистинските цели.

„Владата е во сериозна криза и тешко е да продолжи вака", смета Африм Гаши, лидерот на опозициската Алтернатива, партија која е во коалиција со Алијанса за Албанците.

„Не знаеме каква Влада сака Заев. Ако е понудата да се формира Влада до локални избори, па потоа да одиме на нови парламентарни избори, можеме да разговараме. Сакаме да излеземе од кризата“, изјави Гаши на ТВ „21".

Тој ги демантираше шпекулациите дека имало преговори Алтернатива да биде дел од Владата.

„Еве кажувам ексклузивно дека немало никакви преговори и разговори со СДСМ. Нема ниту вистина во тоа што го најавува Билал Касами од „Беса" дека двајца наши пратеници ќе се приклучат кон мнозинството. Ве уверувам дека ние сме супер сложни и така ќе останеме. Засега нема разговори за зголемување на владиното мнозинство“, изјави Гаши.

На прашањето дали е можно да се направи ново мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, Гаши посочи дека е полесно да се формира ново мнозинство, отколку да се зголеми сегашното.

„Сметам дека е полесно пратеници од македонските партии да се приклучат кон новото мнозинство, отколку некој од албанските опозициски пратеници да се приклучат кон сегашното мнозинство“, истакна тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми