1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широка меѓународна поддршка за борбата против „Исламската држава“

Александар Методијев/дпа/ап/ројтерс15 септември 2014

Министри за надворешни работи од речиси 30 земји во светот денеска во Париз се договорија да го поддржат Ирак „на секаков неопходен начин“ во борбата со џихадистичката група „Исламска држава“.

Фотографија: Michel Euler/Reuters

Министрите од САД, Велика Британија, Франција, Германија, Саудиска Арабија, Катар и други земји се согласија дека „итно е неопходно да се изгони ’Исламската држава’“ од сите области кои ги контролира во Ирак. Притоа на Багдад му е ветена воена помош.

Францускиот претседател Франсоа Оланд при отворањето на конференцијата рече дека „нема време за губење“ во борбата против сунитските екстремисти, кои минатиот викенд објавија нова видео-снимка како му ја отсекуваат главата на британскиот хуманитарец Дејвид Хејнс.

Фуад Масум (лево) и Франсоа Оланд (десно)Фотографија: Reuters/John Schults

„Битката на Ирак против тероризмот е и наша битка“, рече Оланд, мислејќи на илјадниците европски граѓани кои се проценува дека се борат во Ирак и Сирија за „Исламската држава“ и кои би можеле да се вратат дома и да вршат напади. „Заканата е глобална и одговорот мора да биде глобален. Нема време за губење“, додаде францускиот претседател.

На денешниот состанок во Париз не беа поканети ни Иран, ниту Сирија, кои заедно делат најголем дел од границата со Ирак. Сепак, Стејт департментот ја остави отворена можноста за нови разговори со Иран кон крајот на неделава, но исклучува каква било воена соработка со оваа земја.

Претседателот на Ирак, Фуад Масум, побара „да продолжат воздушните операции“. Тој порача дека „мора да се пресече финансирањето“ на екстремистите. „Мораме да ги изнесеме пред лицето на правдата и мораме да ги спречиме борците од други земји да им се приклучат“, рече Масум.

На маргините тема и Украина

Министрите за надворешни работи на Русија, Франција и Германија - Сергеј Лавров, Лорен Фабиис и Франк-Валтер Штајнмајер - се сретнаа во Париз за да дискутираат и за кризата во Украина. За средбата информира анонимен француски дипломатски извор, а ја потврди и портпаролот на германскиот министер за надворешни работи. Средбата се одржала по конференцијата посветена на справувањето со „Исламската држава“, но не се соопштени детали од неа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми