1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шлагерот на нашиот неуспех

8 декември 2020

Речиси три децении на „рипит“ се врти истиот шлагер. Тие нам „вето", ние ним „до следниот самит". И за што ќе преговараме ние воопшто после сето ова со Борисов, Каракачанов, Захариева или Радев? Пишува Борис Георгиевски

Armut in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Слушам деновиве на скопските радио-станици се врти повторно една „нова" верзија на „Песна за Скопје“ или „Градот убав", како што повеќето веројатно ја знаеме. Нема, се разбира, ништо лошо во тоа одвреме-навреме да се рециклира некој шлагер или дури и детска песна. Се одржува на тој начин споменот и на убавата песна и на некои минати, за многумина, поубави времиња.

Ново рециклирање

Но, се плашам дека рециклирањето на шлагерите ни стана навика не само во музиката, туку и во секој општествен сегмент. Се рециклираат „шлагери“ и во политиката, економијата, спортот, насекаде… Ми се чини дека тоа е последица на фактот што веќе одамна не продуцираме никаков квалитет, никаде, па сѐ што остана е со носталгија да се потсетуваме, или да рециклираме некои стари, и не толку стари, вредности и квалитети. Напротив, продуцираме само шунд.

Од каде да почнеме? Еве од градот убав: од град на солидарноста со модерна архитектура во 1971 кога е напишана песната- до град на урбаниот хаос и антички Дизниленд неполни 40 години подоцна. Ни улиците изградени во тоа време не се (ре)асфалтирани како што треба, фасадите на зградите се распаѓаат, а што останува за останатата комунална инфраструктура. И кога сме кај инфраструктурата, едно време се стигнуваше од Скопје до Охрид за неполни два часа. Сега пет години чекаме да завршат автопат од 50 километри за 600 милиони евра, за да почнеме да стигнуваме од Скопје до Охрид за два часа, ама со патарина. 

-слични теми:  Институт за европска политика: Не за преговори со ЕУ по секоја цена

Во економијата, не сум сигурен, го достигнавме ли нивото на БДП од 1989 година или уште сме тука некаде „ќе биде“? Децата во државава се функционално неписмени, а од болести се лечат оние кои имаат да платат. За сиромаштијата, и материјалната и духовната, одамна нема ни мерка, а ни статистика. 
Во политиката? Па дури тука нема крај! На „врапчињата“ и „ластовичките“ во првиот плурален парламентарен состав во 1990 година можеби сите им се смееја, но овој срам што го имаме денес не е ни за плачење. 

Каде и да се свртите сѐ е некаков препеан „шлагер“, некаква неука рециклажа, најчесто десет пати полоша од оригиналот. И барем да ги препејувавме успесите од минатото, макар и со грешки и во полоши верзии, можеби ќе стигневме некаде. Ама не. Омилениот шлагер во Северна Македонија е секогаш одново и со папагалска упорност да се препејуваат грешките и глупостите од минатото.

Омилениот шлагер во Северна Македонија е секогаш одново и со папагалска упорност да се препејуваат грешките и глупостите од минатото.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Додека деновиве ги слушам пораките од опозициските митинзи низ земјата, се прашувам: колку пати од 1990 година досега го загубивме идентитетот, нѐ обезличија, нѐ федерализираа… Затоа ли сега масовно, по два-тројца, го чуваат идентитетот среде крстосници, да не избега лево-десно во некоја уличка?

И уште поважно: што правевме ние додека клетите соседи и „блудницата" Европа ни го правеа тоа? Освен полоши препеви на „државата убава“. Навечер на браникот на татковината, наутро во ред за пасош пред бугарската амбасада. 

Да испреговараме со себе

Еве токму деновиве траат последните подготовки за рециклирање и на приказната за ЕУ. Сега пак ќе чекаме кога ќе дојде следниот самит на ЕУ, па ќе изгубиме месеци во преговори, па ќе се препукуваме преку медиумите, па ќе се расправаме по дома кој е виновен и кој што им продал на соседите, па ќе цртаме црвени линии, па ќе развиваме конспиративни теории, и така до следниот Каракачанов. 
Малку логика, не дека навистина ја има во оваа повеќедецениска ЕУ-пародија, ќе ви каже дека со бугарското вето на таа приказна ѝ е ставен крај барем за следните 9 месеци, а веројатно и подолго.

Блокадата на Софија ќе има тешки последици за целиот процес на проширување на ЕУ на Западниот Балкан, за ЕУ и  Бугарија и, секако, за Северна Македонија. Но таа песна веќе сме ја слушале. Речиси три децении на „рипит“ се врти истиот шлагер. Тие нам „вето", ние ним „до следниот самит". И за што ќе преговараме ние воопшто после сите овие понижувања со Борисов, Каракачанов, Захариева или Радев? Штом ги прибрала, нека си преговара ЕУ со нив. Нека им ги објаснуваат „историските вистини“ на Тодор Живков на Фон дер Лајен и на Вархеји. По изборите во март следната година, полесно ќе се преговарало со Бугарија. Од март 1958 година тие не мрднале во ставовите: како што се усвоени на конгрес на БКП, така се препишани во ланската Декларација на парламентот. 

-слични теми:  Лина Ќостарова Унковска: Потребна ни е точка на пресврт

Ние мораме да испреговаравме самите со себе. Не кои сме и што сме, или што сме биле, туку какви и што сакаме да бидеме. Сакаме ли утре нашите политичари да наликуваат на Борисов, Каракачанов, Захариева или Радев, или сакаме конечно да добиеме малку нормалност? Со ЕУ или без неа. Видовме до кај стигна Бугарија со нејзините политици. Проблемот е кај сме ние со нашите? 

Во таа наша упорност да го причекаме следниот самит и тој по него, и за сѐ нешто да преговараме со секоја будала во балканскиов комшилук, не успеавме да мрднеме ни милиметар од нашата единствена црвена линија која никогаш не ја поставивме: да направиме колку-толку пристојна држава. Не прашувајте до каде сме со реформите во владеењето на право, борбата против корупција, загадувањето, економијата, здравството, образованието, инфраструктурата... Зафатени се! 
Едни 30 години го бранат идентитетот, други преговараат. За секој „историски самит“ на ЕУ, чии резултати ги чекавме од 1992 до денес, по една тула да стававме досега, пеш ќе одевме до Месечината. 

Зборот ми е, и утре да ги почнеме преговорите со ЕУ, до членството, ако воопшто некогаш го биде, ќе ни требаат најмалку 10 години. Кој самит ќе го чекаме потоа за нешто да се смени на подобро во државава? Или ќе жалиме по времето кога некој ни ставаше вето, па можевме слободно да си го браниме идентитетот и да преговараме наместо да работиме? 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми