Шмешке: Против Вардар ќе биде тешко
21 април 2014
Македонските ракометари, кои се силни на домашен терен, по победата во осминафиналето, се претворија во тим кој застрашува. „Вардар против Хамбург покажа колку е силен“, оценува за агенцијата СИД менаџерот на Флензбург Дирк Шмешке. Тој додава: „Ќе имаме тешка работа“. Тимот на Љубомир Врањеш оптимистички гледа кон завршниот турнир на ракометната Лига на шампиони и се надева на пласман за „фајнал фор“ турнирот во Келн, и покрај поразот доживеан во последна минута од Хамбург, во полуфиналето на германскиот куп. „По горчливиот пораз од неделата, погледот е повторно насочен напред“, убедува Шмешке.
Во редовите на македонскиот шампион Вардар вечерва поради повреда нема да игра Стојанче Стоилов, а другите избраници на тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалез ќе бидат подготвени за игра (на фотографијата Алекс Дујшебаев).
На другите натпревари од четвртфиналето, кои се одиграа во текот на викендот, беа постигнати следните резултати: Металург - Кил 21:31, Рајн Некар Левен - Барселона 38:31 и ПСЖ - Веспрем 26:28. Реванш натпреварите се играат на 26 и 27 април.