1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шмит: балканските азиланти доаѓаат за пари

Немања Рујевиќ/бг31 јули 2015

Најголем дел од барањата за азил во Германија од балканските бегалци се неосновани, а има и такви кои се граничат со апсурд, вели во разговор за ДВ, Манфред Шмит, претседател на Бирото за миграции и бегалци

Фотографија: Armend Nimani/AFP/Getty Images

ДВ: Господине Шмит, бројот на баратели на азил од земјите на Западниот Балкан е висок повеќе од две години. Зошто токму сега тие луѓе се најдоа на насловните страници на германскиот печат? Поради летните одмори или поради баварските конзервативци?

Шмит: Барателите на азил од Западниот Балкан не стигнаа на насловните страници поради годишните одмори туку затоа што бројот на дојденците претставува значително искушение за нашата администрација- особено тоа се однесува на граѓаните на Косово на почетокот на годинава, и на граѓаните на Албанија во овој момент. Само годинава добивме 28 илјади барања за азил од Албанија. Таков развој не можевме да прогнозираме и тоа многу не‘ изненади.

ДВ: Поради тоа Вие тврдите дека Косово, Албанија, но и Црна Хора треба да бидат ставени на листата на ткн. „сигурни земји“.

И од земјите кои се сметаат со сигурно потекло имаме значаен прилив на луѓе од 2012 година. Тоа се Србија, Босна и Македонија. Граѓаните на овие земји добиваат заштита во 0,1 до 0,2 отсто случаи, значи практично немаат изгледи за азил во Германија. Тоа доведе до прогласување на овие земји- кои се аспиранти за влез во ЕУ- за сигурни земји. Истото годинава го гледаме кај Косово и Албанија: и тука бројот на одобрени барања е практично нула. Значи, ако дојдат 30 илјади баратели на азил од Албанија и ние прифатиме- и тоа со потврда од судот- 0,1 отсто, тогаш од наш агол Албанија секако е земја на сигурно потекло.

ДВ: Но дали тоа воопшто помага? Од Србија, Босна и Македонија ни денес не е намален бројот на баратели на азил, иако тие важат како сигурни.

Повеќе различни мерки треба да делуваат во пакет. Означувањето на земјата со „сигурна“ треба да биде сигнал до регионот. Но ние мораме жестоко да го скратиме времетраењето на постапката за одлучување за азил. Повеќе не смее да биде финансиски исплатливо задржувањето во Германија. Од август, кога во сила стапува новиот закон, ние кај неоснованите барања за азил ќе изрекуваме забрана за влез и престој во Шенген просторот. Тоа посебно ќе ги погоди барателите на азил од Балканот. Мислам дека институциите за прием на бегалци во покраините треба повеќе да се концентрираат на тие луѓе да им помогнат во натура, а помалку со пари. Сите тие мерки ќе дадат ефект само заедно. Веќе имаме напредок што се однесува до Србија: во октомври и ноември имавме меѓу 3.000 и 3.600 барања за азил, а сега имаме 1.700. Но да, очекувавме уште поголем ефект и затоа ќе преземеме и други мерки.

Манфред ШмитФотографија: Geiger

ДВ: Вие говорите за ткн. „економски бегалци“. Значи тврдите дека овие луѓе доаѓаат само за да добијат џепарлак од 143 евра месечно по лице?

Токму тоа ни се пренесува на бројни сослушувања. Нашата основна задача е да ги сослушаме барателите на азил, да ја слушнеме приказната за нивното бегство и состојбата во матичната земја и таа приказна да ја процениме. Во 99 отсто случаи слушаме: „Дојдовме да бараме работа; децата да ни одат тука во училиште; бидејќи тука е подобра здравствената заштита...“ Исто така слушаме дека многумина сакаат да се задржат во Германија половина година за да соберат доволно пари за во земјата на потекло да живеат 9 до 12 месеци. Кога тоа ќе го слушнеме, моето биро одлучува во согласност со тоа.

ДВ: Споменавте дека само еден до два промили луѓе од Балканот добиваат азил- врз која основа?

Постојат различни форми на азил. Постојат бегалци, постои супсидијарна заштита- на пример која некому во земјата на потекло му се заканува смртна казна. И постои трета форма: кога е некој тешко болен и не може да биде адекватно лекуван во татковината- таквите луѓе не ги испраќаме назад. Тоа се причините во кои влегуваат овие 0,1 отсто. Сето друго не спаѓа под Женевската конвенција која регулира кој е воопшто бегалец. Луѓето од Балканот тука не доаѓаат од причини кои ги предвидува таа Конвенција. Има и такви кои на сослушувањето велат: „Оставете ме само уште четири недели овде, сакам да купам автомобил, донесов и пари“. Кога ќе слушнете нешто такво, тоа напросто нема никаква врска со азилот и заштитата на бегалците.

ДВ: Што мислите за идејата на земјите од Балканот повторно да им се воведат визи, што секако, неселективно би ги погодило сите тамошни граѓани?

Мислам дека воведувањето визи е навистина последното средство. Ние овде имаме значителен број луѓе од Балканот на пазарот на трудот. Во моментов во Германија престојуваат околу 700 илјади граѓани од Србија, Босна, Црна Гора, Албанија и Косово кои имаат дозвола за престој и тука живеат и работат целосно легално. Враќањето на визниот режим би погодило и луѓе од тој регион кои легално доаѓаат во Германија и тоа не би било праведно кон нив.

ДВ: И доколку се намали бројот на барателите на азил од Балканот, дали е Германија подготвена за прием на толку бегалци од кризните региони?

Добро сме подготвени и се подготвуваме и натаму за вистинските бегалци од кризните региони, од северот на Ирак, од Сирија, од Долината Бека во Либан- тие луѓе се во сосема поинаква ситуација отколку тие на Косово или во Албанија. Уште еднаш да се вратам на размерите: Кога од 200 илјади барања за азил колку што имаме годинава, дури 94 илјади ќе дојдат од Балканот, тогаш нешто темелно не е во ред. Но ние сме подготвени за луѓето кои доаѓаат од подрачјата на граѓански и други војни- како на пример ирачките бегалци- кои речиси во 100 отсто случаи добиваат азил.

Д-р Манфред Шмит е директор на германското Сојузно биро за миграции и бегалци од 2010 година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми