1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шокенхоф: Важно е што има промена на премиерската функција во Косово

Бахри Цани / ЕМФ10 декември 2014

Двете најголеми партии во Косово по повеќемесечна криза постигнаа согласност околу нов премиер. Тоа е знак за функционална демократија во земјата, оценува Андреас Шокенхоф. Но, на европски пат ќе има уште многу работа.

Фотографија: imago

ДВ: Косово доби т.н. голема коалиција. Вие лично бевте во Косово минатата недела, разговаравте со одговорните политичари. Како ја оценувате оваа голема коалиција? Дали е тоа најдоброто решение за Косово?

Андреас Шокенхоф: Ова доаѓа шест месеци по изборите и знак е дека партиите имаат волја, при ваков изборен резултат, за конструктивна работа. Веќе нема блокада, туку демократијата функционира. При актуелниот сооднос на силите, ова е најдоброто решение за Косово и покажува дека партиите се со заеднички конструктивен став кој ги надминува границите на сопствената програма. Оваа коалиција има пред се‘ перспектива да работи полн мандат, четири години. Тоа на земјата и‘ дава стабилност.

Тоа звучи многу оптимистички, но предизвиците се многу големи. Новиот премиер Иса Мустафа ќе има многу работа. Што очекува Германија од него и од новата влада во Косово?

Двата коалициони партнера, Демократската лига на Косово (ЛДК) и Демократската партија на Косово (ПДК) соопштија дека сакаат да го продолжат дијалогот и дека сакаат јасна европска перспектива. Мислам дека од одлучувачко значење и за граѓаните на Косово е земјата во секој случај да ја гледа својата иднина во Европа. Има стремеж за интеграција на европскиот пазар и во европскиот правен простор, за што предуслов се реформи во правосудството. Тоа е многу, многу тешка задача, имате право, но двајцата коалициони партнера се изјаснија недвосмислено за тоа.

Каква улога имаат новите персонални решенија - Иса Мустафа како нов премиер и Хашим Тачи како иден министер за надворешни работи на Косово?

Во секој случај беше исправно да има нов премиер, зашто новата влада не значи едноставно продолжување на досегашната политика. Двајцата се изјаснија за јасна нова ориентација. Пред се‘, новата влада мора многу веродостојно да се бори против корупција и против проблемите од минатото. Затоа е важно што има промена на премиерската функција. Сега за 14 месеци ќе се избира претседател, па можеби мора да следи и ново прегрупирање. Но од одлучувачко значење не се личностите, туку јасниот договор на коалицијата да се бори против корупцијата и организираниот криминал со сите консеквенци што тоа ги носи.

Во коалициониот договор јасно е назначен и дијалогот меѓу Приштина и Белград. Што очекува Берлин во врска со дијалогот меѓу Србија и Косово?

Очекуваме постепена нормализација. Затоа и беше важно во оваа влада да не учествуваат националистички сили кои отфрлаат дијалог. Но целта на овој дијалог - а за тоа е потребно време, тоа не оди од денес до утре - е Косово да е суверена држава која е свесна за својата интернационална одговорност. Затоа тешкиот процес на дијалог мора да продолжи. Дека притоа мора да има обѕир кон другите и дека мора да се прават мали чекори, тоа го покажа и тешката посета на премиерот Рама на Србија. Но мислам дека и Мустафа и Тачи во неговата нова функција како министер за надворешни работи се подготвени за такво нешто.

Во владата има и претставници на Србите од северот на Косово, каде состојбата е особено тешка. Дали гледате решение за тоа? Во Србија многумина се‘ уште се надеваат на отцепување на овие територии и нивно приклучување кон Србија. Има ли решение за северот на Косово?

Од Приштина има јасна понуда за заедничко чекорење во интегративниот процес и кон иднината. Ние сега очекуваме Белград да влијае врз Србите на северот на Косово да признавање на интегритетот на косовската држава.

Андреас Шокенхоф е заменик шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ за надворешна политика, одбрана и европски прашања. Тој е познавач на Балканот и како човек од доверба на канцеларката беше учесник на преговорите за новата влада на Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми