1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц кај Ердоган: Во четири очи, два часа, еден апел

СН/агенции
15 март 2022

Сè е релативно. А со оглед на руската агресија врз Украина, турскиот претседател повторно станува важен соговорник. За време на посета на германскиот канцелар на Анкара другите теми беа турнати во втор план.

Шолц и Ердоган демонстрираа единство околу војната во Украина, на заедничката пресконференција во Анкара
Шолц и Ердоган, на заедничката прес-конференција во Анкара, демонстрираа единство околу војната во УкраинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Во целост се согласуваме“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц во Анкара. Германија и Турција споделуваат заеднички гледишта и загриженост поради нападот на Русија врз Украина, изјави пак претседателот Реџеп Таип Ердоган. Лидерите на двата НАТО-партнера разговараа во четири очи зад затворени врати цели два часа и по средбата демонстрираа единство пред медиумите - во осудата на руската агресија, и за итната неопходност од прекин на огнот во Украина. „Мора да дојде до прекин на огнот најбрзо што е можно“ рече Шолц. Исто така, веднаш мора да се обезбедат безбедносни коридори за цивилите.

„Ќе ги продолжиме нашите напори да постигнеме трајно запирање на огнот. Истовремено, се продолжува со спроведување на задачите на НАТО“, нагласи Ердоган на заедничката прес-конференција.

Двајцата државници, исто така, се согласуваат оти дипломатските напори не смеат да завршат. Шолц и Ердоган заедно апелираа до рускиот претседател Владимир Путин: „Запрете!“. „Секој ден, со секоја бомба, Русија сѐ повеќе се одалечува од светската заедница“, додаде Шолц.

Ердоган се гледа себеси како миротворец

Турција има блиски енергетски, одбранбени и трговски договори со Русија. За разлика од Европа, Турција не го затвори својот воздушен простор за руските авиони, ниту се приклучи на западните санкции кон руската економија. Сепак, Ердоган ја осуди руската инвазија на Украина како „неприфатлива“ и нагласи дека Турција направила сѐ што е потребно во рамките на правилата на Обединетите нации.

„Мораме да го одржиме нашето пријателство со Зеленски и со Путин“, рече Ердоган, мислејќи на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател. Според тоа, Турција сака да игра посредничка улога во конфликтот. Во четвртокот, министрите за надворешни работи на Украина и Русија се состанаа во Анталија, Турција, на првите разговори на високо ниво меѓу двете завојувани страни од почетокот на руската инвазија. Содржински, средбата беше неуспешна, но самото тоа што се одржа се смета за дипломатски успех.

Од средбата на шефовите на дипломатии на Русија и на Украина, Лавров и Кулеба во Анталија Фотографија: Turkish Foreign Ministry/REUTERS

Ердоган, од друга страна, суштински не го исклучи натамошното купување на оружје од Русија. „Прерано е да се каже и мораме да видиме што ќе ни донесе иднината“, рече тој.

Билатералните теми во втор план

И покрај членството во НАТО, Турција во 2017 година набави руски противракетен одбранбен систем С-400 и со тоа предизвика критики од Алијансата. Иако Турција е членка на НАТО, Ердоган се обидува да остане што е можно понеутрална во конфликтот. Имено, обемот на трговската размена на Турција со Русија е речиси ист како и со Германија - една третина од извозот на природен гас и 70 отсто од увозот на пченица доаѓаат од Русија. Турција, пак, извезува многу повеќе овошје и зеленчук во Русија, а руските туристи се важни за турската туристичка индустрија.

На состанокот меѓу Шолц и Ердоган, покрај за војната во Украина, станало збор и за други билатерални теми, но во ограничен обем, на пример за економската и поблиската соработка во енергетскиот сектор. Од гледна точка на ЕУ, добрата соработка со Турција е пожелна - за среднорочно да може да се ослободи од зависноста од руски гас, рече Шолц. Тој, исто така, наведе оти станало збор и за спорни теми, состојбата на човековите права во Турција, за владеење на правото и за прашањата за миграција.

Тешките теми за демократијата и за човековите права

Во 2017 година, меѓу другото, притворањето на германски државјани, предизвика долготрајна студена фаза меѓу двете земји. А односите меѓу двата партнера во НАТО сѐ уште не се ослободени од тензии. Има „разлики, оптоварувања, различни ставови што ги имаме, на пример кога станува збор за прашањата за човековите права и за владеењето на правото“, објасни канцеларот.

Германскиот канцелар и турскиот претседател разговараа во четири очи цели два часаФотографија: Guido Bergmann/Bundesregierung/dpa/picture alliance

Ердоган го игнорираше прашањето за човековите права упатено до него и беше генерално задоволен. Разговорот со Шолц се одвивал во „искрена атмосфера“, рече тој. Тој ги нагласи блиските врски меѓу земјите - околу три милиони луѓе со турско потекло живеат во Германија - и истакна дека е важно Турција тесно да соработува со Германија за регионалните прашања. Според турскиот претседател, билатералната трговија треба брзо да се прошири од актуелните 41 милијарда долари на 50 милијарди долари.

Барем исто толку тешко: Турција и ЕУ

„Навистина, тука многу е возможно“, рече Шолц, мислејќи на економските односи. „Тука можеме уште повеќе“, додаде тој, споменувајќи го енергетското партнерство меѓу Турција и Европската унија. Заднината е дека Турција сака со гасоводи од Азербејџан и од Иран да транспортира гас кон Европа. „Се разбира дека ни треба диверзификација на снабдувањето со енергија во Европа, во однос на снабдувањето со гас, нафта и јаглен од други извори освен Русија“, рече канцеларот.

Шолц најави и дека ќе се заложи за „натамошен развој на царинската унија“. Притоа, тој би го исполнил долгогодишното барање на Турција до ЕУ, бидејќи тоа би овозможило подобар пристап на земјата до внатрешниот пазар на ЕУ. Иако Турција е кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, пристапувањето, најдоцна од 2017 година, веќе не се смета за реално.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми