Шопинг во „H&M“: старо за ново
3 март 2013Купувачите во шведскиот моден синџир „H&M“ од средината на февруари можат во продавниците на оваа модна куќа да донесат стари работи од текстил и да добијат купон за попуст како награда. Во Германија во акцијата се вклучени 80 филијали на „H&M“.
Понудата за собирање стара облека не се однесува само на производи од „H&M“, уверуваат од претпријатието. „H&M“ ги прифаќа не само сите марки, туку и облека во секаква состојба - дури и искината. „Ние сакаме да направиме нешто добро за животната средина“, велат од модната куќа.
Од старо - ново
Секоја година тони текстил се фрлаат во сметот и завршуваат во депонии. Меѓутоа и до 95 проценти од оваа облека може повторно да се користи, да се носи и да се рециклира, велат во „H&M“.
„На нашите муштерии сакаме да им понудиме едноставен начин, да ја предадат старата облека. Долгорочно имаме визија, од старите материјали да направиме нови“, изјави портпаролка на „H&M“. Таа објаснува дека собраната облека ќе биде складирана по филијалите, а потоа партнерски фирми ќе ја собираат, и ќе биде однесена на сортирање според различни критериуми. Облеката која се’уште може да се носи, ќе биде продавана како половна стока. Текстилот кој повеќе не може да се носи ќе биде претворен во крпи за перење или ќе се користи за производство на изолациони материјали. Приходите би биле наменети за социјални проекти и за истражувања на тема: рециклирање. „Долгорочно наша цел е да се постигне затворен круг, од производство до рециклирање“, велат од „H&M“.
Контроверзна донација на облека
Критичарите претпоставуваат дека акцијата не настанала само поради грижа за животната средина. Имено муштериите со рециклирањето се поттикнуваат да купат нова облека и за тоа да добијат попуст од 15 проценти: попуст се добива за секоја кеса со стара облека.
Донацијата на облека во соработка со фирмите е контроверзна, оти многумина со рециклирањето водат бизнис: „По тон стара облека се заработува околу 250 евра. Затоа покрај фирмите, во овој бизнис се вклучуваат и се’ поголем број општини“, објаснува Дитер Шиц од германскиот Црвен крст.
Само во Германија годишно се собираат околу милион тони стара облека.
Раководителот на здружението „FairWertung“, мрежа од социјални и црквени организации, Андреас Фогет, вели дека во основа нема ништо против продажбата на стара облека, но дали акцијата на модната куќа „H&M“ навистина ќе и’ помогне на животната средина, е под знак прашање: „Системите за враќање на текстилните производители и трговските синџири во прва линија се маркетиншки инструмент, за муштериите да се врзат за сопствената фирма и да се поттикне продажбата на сопствените нови текстилнии производи“.
За иницијативата да биде успешна, „H&M“ ќе мора да ги убеди како критичарите така и луѓето, кои треба да донираат стара облека. Со сигурност меѓутоа се знае- „H&M“ од една страна се залага за тоа старата облека да не завршши во ѓубре, но од друга страна ги анимира своите муштерии за уште побрза промена на содржината на сопствените шкафови со облека.