1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шопинг-центар за жени со шамија

Бурку Каракаш
16 јуни 2018

Женска мода со долги мантили, шамии или прекривки за цело тело - браншата за конзервативна мода во Турција доживува бум. Во Истанбул е отворен и посебен шопинг-центар само за таа намена.

Türkei Shopping Mall in İstanbul für konservative Frauen
Фотографија: DW/B. Karkaş

35-годишната Зехра Озкајмаз е турска Инстаграм-ѕвезда. Но, не е само тоа. Таа во изминатите години направи од себе бренд преку организирањето 19 фестивали за муслиманска мода. Потоа поранешната професорка по англиски јазик си замисли поголем проект и го отвори првиот шопинг-центар за конзервативни жени во Турција. Центарот го носи нејзиното Инстаграм-име: „Зеруј“. На 11 мај беше свеченото отворање, ден кога околу 22 илјади луѓе го посетиле центарот. Во наредните недели  нивниот број беше уште поголем. Во текот на муслиманскиот месец на пости Рамазан во центарот се одржаа серија настани - и имаше попусти на облеката.

Сите марки под еден покрив

Центарот „Зеруј“ брои 126 продавници. Тука религиозните жени може да ги најдат сите парчиња облека што може да ги посакаат – од турбани, до шарени шамии или долги мантили. Еден од дуќаните е „Кадрије Баштурк”, каде жените може да купат најразлични шамии. Во позадина се слуша арапска музика. Тутку тука работи како продавачка. 21-годишната жена е среќна што постои таков трговски центар. „Порано жените мораа да одат во различни продавници во различни делови од градот”, вели таа. Во една метропола како Истанбул патот во хаотичниот сообраќај може да трае со часови. „Жените сега може сите производи да ги најдат под еден покрив“, вели продавачката.

Тутку е среќна што постои трговски центар како „Зеруј“Фотографија: DW/B. Karkaş

Дали во Истанбул навистина постои потреба за ваков трговски центар? Според Ферит Бурхан, еден од сопствениците, центарот се води според потребите на конзервативните жени.

„Мнозинството жени во Турција се облекува во тој стил. Досега немаше трговски центар за тие потреби. Затоа сакавме да им олесниме на жените”, вели Бурхан.

Широката понуда во „Зеруј“ не адресира само конзервативни, туку има понуда за сите жени. Според Бурхан, бизнисот со трговски центри брзо расте и потребна била нова диференцијација на пазарот.

Во центарот има и мажи, но само како придружба

Друг Инстаграм-феномен е Мерием Акбулут, која има продавница во центарот. Сопственичката на „Ешарфан” вели дека го отворила бидејќи е само за жени. Син ѝ Емре бил среќен што толку многу жени купувале уште првиот ден. „Како ќе функционира понатаму, останува да видиме”, вели Акбулут.

Мерием Акбулут е Инстаграм-ѕвезда во ТурцијаФотографија: DW/B. Karkaş

Иако трговскиот центар главно таргетира жени, во него има и мажи, кои ги придружуваат своите жени. Рамазан Екинчи е еден од нив. Тој чека пред една продавница додека неговата жена е во шопинг. Морал да помине долг пат за да дојде до тука. Трговскиот центар се наоѓа на голема оддалеченост од нивниот дом. „Би можело да има и продавница за мажи“, вели тој и се насмевнува.

Пет пати на ден повик за молитва во Зеруј

„Зеруј" ја отсликува сѐ поконзервативната земја, чија тенденција сега се гледа и во куповните навики. Тука, за разлика од регуларните продавници, пет пати на ден се слуша повик за молитва. Еден од сопствениците, Ферит Бурхан, вели дека не може да разбере зошто турските медиуми токму тоа постојано го нагласуваат. „Ние сепак живееме во земја мнозински населена од муслимани и тоа е составен дел од нивното секојдневие. Повикот се слуша и на други места во градов“, вели Бурхан.

Антропологот Ајше Чавдар не го дели неговото мислење. За неа конзервативниот трговски центар е изјаснување на религиозните луѓе за капитализмот. Чавдар во својата докторска дисертација се занимавала со слични прашања. Таа ја застапува тезата дека слободата на конзумирање станала многу поважна од други слободи. „Жените се само експониран пример на придобивките од економскиот бум во Турција. Фактичките добитници се мажите, кои за своите бизниси добија нова целна група. Тоа се продава под етикетата 'ослободување на муслиманската жена'", смета Чавдар.

Во шопинг-центарот има 126 продавнициФотографија: DW/B. Karkaş

Дали е ова харем?

За Чавдар трговскиот центар нема никаква врска со религија. Таа го споредува трговскиот центар со харем, одвоена просторија за жени од дамнешни времиња: „Харемот бил архитектонски градежен дел кој нанадвор требало да ја покаже приватната сфера на една куќа. Овој центар сега го покажува надворешниот дел од куќата. Но, тој ги спречува жените да станат дел од општествениот живот. Тоа е трговски центар во кој - ако жените си ги знаат своите граници - за тоа ќе бидат наградени од мажите со шопинг.“

Повеќе: Моден магазин за жени со шамија во Турција

За едни трговскиот центар е потреба, за други е чекор назад во еманципацијата на турската жена. Жените пак кои се на шопинг-тура во центарот, за ваквите дискусии по сѐ изгледа имаат мал интерес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми