Шоу на Меркел и ЕУ во Турција
24 април 2016
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу и неговите европски гости, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел, изведоа големо шоу во Газиантеп. Од нивното пристигнување во кампот Низип во големи автобуси со снајпери на покривот, до постерите со фотографии на Меркел со кои беше декориран градот и пароли кои повикуваа на „солидарност со бегалците. Сѐ беше перфектно испланирано.
За време на прес-конференцијата Давутоглу нагласи дека Турција е дел од европското семејство. Тоа е деценискиот сон на Турција кој досега не се оствари. Благодарение на сириските бегалци, Турција е еден чекор поблиску до влезната врата.
Турција се гордее дека најдобриот пример во целиот свет за однос кон бегалците. Пофалбите од претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск за состојбата на камповите во Турција се заслужени. Познат факт е дека Турција ги отвори своите граници за Сиријците кои бегаа од режимот на Асад. Тоа беше хуманиот потег кој не го стори ниту една друга земја.
Сега, речиси пет години подоцна, мнозинството од бегалците се обидуваат да преживеат надвор од камповите без никаква перспектива. Помислата дека тие еден ден ќе се вратат во Сирија повеќе не е толку реална. Оттука, поголемиот проблем е како Турција ќе интегрира 3,1 милиони луѓе кои дојдоа да останат? Колку Европа е подготвена да помогне?
Меѓусебна доверба
Посетата уште еднаш покажа дека Европа е подготвена да стори речиси сѐ за да ги задржи бегалците во Турција. Има два јасни сигнали за тоа. Најпрво, сите лидери, вклучително и Меркел беа многу внимателни да не навлегуваат во деликатни теми како што се слободата на медиумите и нарушувањето на човековите права во Турција. Деновиве кога Европа се мешаше во турските внатрешни работи се минато. Давутоглу тоа јасно го посочи: „Не можете да продолжите да не испрашувате како да сме во соба за распит“. Вториот сигнал го испрати, потпретседателот на Европската Комисија Франс Тимерманс кој најави дека, за разлика од досега кога најголемиот дел од помошта беше испраќана преку меѓународните организации, во иднина директно ќе и се помага на турската влада. Ова може да се смета за победа на Анкара. Во такво сценарио, ќе биде ли ЕУ во можност да ги контролира своите пари или ќе зависи од меѓусебната доверба?
Се чини дека Европа ќе ја задржи својата политика на „минимум контроверзи“ кон Турција. Проблемите кои ја сочинуваат основата на Европа, како почитувањето на човековите права и слободата на изразување, ќе бидат решавани случај по случај, како што Туск дипломатски реагираше откако Давутоглу остро го критикуваше случајот Бемерман. „Линијата меѓу критиката, навредата и клеветата е многу тенка. Доколку политичарите се обидат да одлучуваат за тоа, тоа ќе биде крајот на демократијата. Се надевам дека во иднина слободата на говорот нема да биде нашата главна тема“, рече Туск.