Како последица на корона-пандемијата, на сѐ повеќе граѓани во Шпанија им се заканува сиромаштија. За да го запре трендот, владата на премиерот Педро Санчез донесе одлука од јуни да исплатува гарантиран основен приход.
Реклама
Почнувајќи од јуни, во Шпанија се воведува „основна плата“, според одлука на владата во Мадрид, донесена денеска, како мерка за амортизирање на економските последици од пандемијата на коронавирус. „Денеска е историски ден за нашата демократија, во Шпанија се воведува ново социјално право", изјави Пабло Инглезијас, шеф на левичарскиот сојуз Подемос и заменик-премиер.
Коалицијата составена од социјалдемократски ориентираната ПСОЕ и левичарскиот Подемос уште на крајот на минатата година постигна согласност за воведување основен месечен приход, но без временска рамка. Корона-кризата ја принуди владата да го забрза спроведувањето на договорената мерка, истакна Инглесијас.
Од „безусловната основна плата“, според проценките на владата, ќе профитираат околу 850.000 домаќинства во криза. Тоа изнесува околу 2,3 милиони од вкупно 50 милиони жители на Шпанија, а околу 30 процентиод нив се младинци и деца. Полнолетен возрасен жител има право на 462 евра месечно. Семејствата ќе добиваат дополнително 139 евра по член, но максимално 1015 евра по домаќинство.
На ваков начин, смета владата, секое домаќинство ќе располага со „гарантиран просечен годишен приход од 10.070 евра." Се проценува новиот социјален издаток да ја чини владата околу три милијарди евра годишно.
Поради корона-кризата стотици илјади Шпанци го загубија работното место, стапката на сиромаштија доживува рапиден скок. Податоците со кои располага владата велат дека околу 1,6 милиони луѓе во Шпанија се загрозени од екстремна сиромаштија.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.