1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија - катастрофа со најава

Габриел Гонзалес
28 октомври 2017

Каталонија прогласи независност, а владата во Мадрид го активира членот 155, односно т.н. „нуклеарна опција“. Време е на ЕУ да ѝ падне напамет нешто повеќе од топли зборови, оценува Габриел Гонзалес.

Spanien "Esteladas" und spanische Flaggen in Barcelona
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Morenatti

Два воза во Шпанија итаат еден кон друг и се чини како никој да не може да ги запре. Медиумите во изминатите недели ја ширеа до бескрај ваквата слика за тврдоглавост и непопустливост и на Мадрид и на Барселона. Сега возовите се судрија со полна сила. Каталонија прогласи независност, а шпанскиот Сенат првпат даде одобрение за активирање на озлголасениот член 155, кој значи обезвластување на каталонската влада и укинување на автономните права.

Нема сомневање дека станува збор за историски ден во историјата на Шпанија. Или, ако работите се формулираат малку понеутрално - за ден кој значи длабок рез. Овој регион досега во историјата четири пати има прогласено нешто како „Каталонска Република“ односно „Држава Каталонија“. Првиот пат тоа е сторено во 17. век, за време на бунтот на жетварите, потоа за време на првата Шпанска Република во 1873 година, а потоа два пати за време на втората Шпанска Република, во предвечерјето на граѓанската војна во Шпанија, во 1931 и 1934 година. Во сите овие случаи не стануваше збор за прогласување комплетна независност, туку за прокламација на самостојна каталонска држава во рамките на една федерална Шпанија. Поголемиот дел од овие независности“ на Каталонија не траеја повеќе од неколку дена.

Габриел Гонзалес

Рахој придонесе за заострување на кризата

Дотолку позачудувачки е актуелното, првото вистинско прогласување независност на Каталонија. Човек се прашува како е тоа можно. Зошто токму сега, во 2017 година, во рамките на една демократска, правна држава, која гарантира широки автономни права и која на Каталонците им обезбедува - во рамките на ЕУ - мир и благосостојба?

За да се одговори на ова прашање, прво треба да се фрли поглед врз Шпанија, но не исклучиво врз нејзе. Начинот на кој конзервативната партија во Мадрид, предводена од Маријано Рахој, без каква било смисла за емпатија и чувство за дипломатија, се обидува исклучиво со параграфи да ја запре кризата во Шпанија, сведочи за застрашувачки недостиг на фантазија. Рахој не ѝ е дораснат на својата функција и најдоцна од 2010 година, кога шпанскиот Уставен суд на негова иницијатива го собори актуелизираниот статус на каталонската автономија од 2006 година, придонесе во голема мера за заострување на кризата.

Медитеранска Северна Ирска?

Кога се бараат причините за проблемите и одговорните, се разбира, мора да се погледне и кон Барселона. Каталонскиот политичар Луис Рабел неодамна, алудирајќи на референдумот во Шкотска, предупреди: „Да не заспиеме со сон за Шкотска, а да се разбудиме во Северна Ирска.“ Наредните денови ќе се види дали популистичките пропагандисти на еднострана и нелегална независност ќе ја претворат Каталонија во Северна Ирска. Никој не се надева на такво нешто, но тоа е нешто од што треба да се стравува.

Најдоцна на ова место дури и на најзаспаните ЕУ-политичари мора да им стане јасно дека веќе не се работи за исклучиво шпански проблем. И други земји во ЕУ би можеле да бидат зафатени од еден вид „шпанска треска“ во вид на унилатерални прогласи на независност. ЕУ не може вечно да врти глава, како во случајот на Шкотска и сега во Каталонија. Таа конечно мора да ја отвори „кутијата за прва помош“ и да придонесе за конструктивно решение на проблемите кога, како во случајот на Шпанија, една централна влада е комплетно префорсирана.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми