1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпанија не сака посредување во конфликтот со Каталонија

ЕМФ /агенции
7 октомври 2017

Шпанскиот министер за надворешни работи Алфонсо Дастис смета дека меѓународно посредство во конфликтот со Каталонија нема да биде од голема помош. Викендов се најавени протести ширум Шпанија.

Spanien Barcelona Flaggen
Фотографија: Reuters/J. Nazca

Шефот на шпанската дипломатија Алфонсо Дастис е уверен дека „шпанската влада мора да ја одбрани правната држава во конфликтот со регионална влада која сака да спроведе државен удар“. Во интервју за „Шпигел“ министерот вели: „Во вакви внатрешни работи на своите членки ЕУ не се меша.“

Според Дастис, централната влада во Мадрид има доволно легални можности за да реагира на евентуалното прогласување независност од страна на Каталонија: „Отворени сме да разговараме за сите можни решенија и реформи.“

Алфонсо ДастисФотографија: Getty Images/AFP/Y. Lage

Сепаратистите во Каталонија не се откажуваат од своите планови. Шефот на регионалната влада Карлес Пуџдемон за вторник најави говор во парламентот во Барселона. Според наводи на пратеник во регионалната влада, по говорот би требало да биде изгласана декларацијата за независност, која веќе е во подготовка. Надеж дека е можно решение преку преговори разбуди понудата на Швајцарија да посредува во конфликтот.

Протести ширум Шпанија

Кризата по референдумот во Каталонија е причина за протестите ширум Шпанија закажани за викендов. Во голем број градови ќе демонстрираат и приврзаниците и противниците на отцепувањето на Каталонија. Застапниците на дијалог меѓу Мадрид и Барселона се повикани денеска да се соберат пред градските собранија ширум земјата.

Со оглед на конфронтациите и бескомпромисноста на Мадрид и Барселона, сѐ повеќе приврзаници има за анонимниот повик на интернет кој повикува на потпишување на петиција, во која се вели дека „Шпанија е подобра од нејзините политички лидери“. Сите Шпанци се повикуваат денеска напладне, облечени во бело да се соберат пред градските собранија и да обесат бели знамиња или шамии на нивните балкони.

Фотографија: Reuters/A. Gea

Истовремено, во Мадрид за утре напладне е закажан „патриотски марш“ на приврзаниците на неделивоста на Шпанија. Во Барселона, на сличен ваков марш, треба да учествува и добитникот на Нобеловата награда за литература Марио Варгас Љоса. Тој го осуди стремежот на Каталонија за независност и го нарече „болест“. Љоса предупреди дека постои опасност од „нова Босна“.

     

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми