Шпанските државни службеници на спонтани протести
16 јули 2012Илјадници луѓе синоќа спонтано се собраа на улиците на Мадрид протестирајќи против новите планови за штедење на шпанската влада. Меѓу демонстрантите беа голем број полицајци, пожарникари во униформа, наставници и други државни службеници. „Веќе две години ни ја земаат нашата плата“, изјави еден полицаец, кој учествуваше на демонстрациите.
На спонтаните демонстрации се повика преку интернет мрежите и смс пораки. Демонстрантите се собраа пред централата на конзервативната владејачка партија на премиерот Маријано Рахој и оттаму го продолжија протестот пред парламентот.
Изминатиот петок шпанската влада усвои нов пакет мерки за штедење. Со овој пакет владата има намера да заштеди 65 милијарди евра до крајот на 2014 година. Меѓу другото предвидено е покачување на ДДВ од 18 на 21 процент, укинување на еднократниот паричен надоместок за Божиќ за државните службеници, како и кратење на помошта за невработените. Во четврток, најважните синдикати во земјата повикаа на демонстрации во цела Шпанија против мерките за штедење.