Шпанците исплашени од македонскиот „спиди Гонзалес“
16 септември 2011Шпанците се свесни за квалитетите на македонскиот тим, но и уверени во нивна победа во денешниот полуфинален дуел. Капитенот и најдобар играч на Шпанците, Пау Гасол на прес-конференција нареди комплименти за противниците, но и вети победа.
„Тие веќе изненадија многу тимови на првенството, а ние не сакаме да станеме дел од тоа. Тие играат многу цврсто, тимски. Имаат неколку талентирани играчи и многу ги респектираме. Секако нашата цел е финалето и затоа мора да победиме“, вели Гасол.
Тој призна дека „се чувствувал лошо поради елиминацијата на Литванија“, но токму тој случај, за Гасол е доказ за силината на македонскиот тим.
„Тие ја победија Грција, Хрватска, за малку и Русија, и тоа кажува многу за нив“.
Освен Меккејлеб кој го смета за најголема опасност, НБА-звездата на ЛА Лејкерс ги потенцира и Владо Илиевски и капитенот Перо Антиќ.
„Илиевски игра одлично првенство, мораме да му посветиме внимание, затоа што е способен да погодува клучни шутеви. Би го споменал и Антиќ, кој исто така е одличен, игра со голема самодоверба и шутира многу добро“.
„Мораме да играме поцврсто од нив и да се бориме повеќе од нив, тоа е клучот. Мораме да почнеме силно, за да не им дадеме можност да си ја изградат самодовербата и да помислат дека имаат шанса“, заклучува Гасол.
Нивната перфекција- наша шанса
На другата страна, ѕвездата на македонскиот состав, кому денеска текст му посвети и весникот „Њујорк Тајмс“, Лестер Бо Меккејлеб вели дека Македонија нема што да загуби во полуфиналето и треба да се бори и покрај тоа што Шпанија е голем фаворит.
„Тие немаат слаби точки во тимот, единствената слаба точка е во фактот што никој не е перфектен. Можеби нема да им оди, па ќе видиме што ќе се случи“, вели Меккејлеб.
Денешниот, ќе биде прв дуел на репрезентациите на Македонија и Шпанија во кошарка. Настанот предизвика големо внимание и во шпанскиот печат, кој вообичаено е преокупиран со фудбалски теми.
Интернет изданието на тиражната „Марка“ му посветува голем простор на македонскиот тим и притоа ја пренесува атмосферата по триумфот над Литванија од поинаков агол.
„По победата над Литванија, Македонците полудеа од радост на теренот. Големиот Антиќ, кој изгледа како редар во ноќен клуб со неговите тетоважи, го прегрна малиот Меккејлеб и го донесе пред новинарите како некаков ловечки трофеј.
’Со него треба да разговарате, со Спиди Гонзалес’, рече Антиќ, со мексикански акцент“, пишува Марка.
Автор: Борис Георгиевски/марка/фиба-еуропа
Редактор: Александра Трајковска