Шпекулациите со цените на храната носат глад
23 јануари 2011На конференцијата, која се одржа на маргините на Меѓународниот саем на земјоделството „Зелена недела“, кој е во тек во Берлин, министрите за земјоделство од 50 земји преку заедничко соопштение се изјаснија за поголема стабилност на цените на основните животни продукти. Тие побараа од Г 20, групата најважни индустриски и земји во засилен економски развој, да се зафати со оваа тема. Скоковите на цените на прехранбените производи се проблем за земјоделците и потрошувачите во светски рамки. Германската министерка за земјоделство и заштита на потрошувачите, Илзе Аигнер, предупреди од револтот на гладните во сиромашните земји, со оглед на постојаниот раст на светското население. Протестите во Тунис и Алжир, потсети Аигнер, корените ги имаат и во високите цени на животните продукти.
Ралф Зидхоф од Светската програма за храна на ОН, ВФП, смета дека вистинската причина за растечките цени на пченицата во светот не се уништувањето на жетвата преку природните катастрофи, како пожарите во Русија или поплавите во Австралија. Тој смета дека трговците со своите шпекулации предизвикуваат високи цени: „Во силосите ние всушност би имале доволно пченица. Нема никаква причина нејзината цена да се зголемува. Но, трговците имаат интерес да ја чуваат пченицата во залиха и да чекаат да расте нејзината цена. Тоа предизвикува поскапувања на сметка на сиромашните,“ истакнува Зидхоф.
На конференцијата во Берлин учествуваше и македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
За време на конференцијата во Берлин илјадници луѓе протестираа за радикален пресврт во аграрната политика. Под мотото „Веќе сме сити“, демонстрантите бараа фер производство на здрави производи без ген-техника, еколошко земјоделство во Европа и во целиот свет. Организаторите тврдат дека на демонстрациите имало 22 илјади учесници, додека набљудувачите велат дека биле десетина илјади.
Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дпа/ афп
Редактор: Александра Трајковска