1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шпигел“ предупредува од граѓанска војна во Македонија

Б.Георгиевски/шпигел/нцц11 јуни 2015

Германскиот магазин во информацијата за неуспехот на преговорите во Брисел предупредува дека земјата се наоѓа на работ на граѓанска војна. Весникот НЦЦ пишува за корупцијата во земјата

Фотографија: MIA

„Преговорите за излез од кризата во Македонија не донесоа резултат. На балканската држава и‘ се заканува граѓанска војна“, пишува магазинот „Шпигел“ во своето интернет издание, пренесувајќи ја веста за неуспешните разговори во Брисел.

„Од крвавата ескалација при полициската акција во Куманово, во балканската држава кулминира долготрајната криза. За време на владата на десно-националистичкиот премиер Никола Груевски, кој е на власт од 2006 година, Македонија навлезе во диктаторски и мафијашки состојби“.

„По големите демонстрации во главниот град, шефот на македонската влада во Скопје доведе илјадници свои приврзеници кои ги искажуваа симпатиите за него. По неколку судири меѓу безбедносните сили и владините опоненти во воздухот лебди сценарио за нова граѓанска војна во Западниот Балкан“, пишува „Шпигел“.

Зошто не ни оди?

Швајцарскиот „Ноје цирхер цајтунг“ донесува кратка сторија од Македонија чија тема е корупцијата во земјата. Преку разговор со скопски таксист, авторот ја доловува општата перцепција дека државата е длабоко корумпирана, но за тоа се најчесто виновни политичарите.

Како да се излезе од корупцискиот ќорсокак во Македонија?:Фотографија: DWS. Toevski

„... Такси возачот почнува со фалби: 'Да, Македонија е убава. Имаме сѐ: планини, езера, долини. Имаме најдобра вода, десет различни видови минерална вода, сите здрави и природни. Од нашето грозје правиме добро вино со европски квалитет. Овошјето ни е одлично, исто и зеленчукот'.

Но, потоа неговото лице се стемни:

'Зошто ни оди толку лошо? Зошто возам такси, иако ги завршив сите школи? Зошто син ми не може да најде работа- како и секој трет во земјава? Зошто фабриките не работат, а пазарот на црно цути?

Затоа што немаме паметни и искрени политичари“.

„Возачот раскажува понатаму. Од премиерот преку неговите коалициски партнери се‘ до министерот за сообраќај - за секој знае по некоја приказна за корупција, непотизам или поткуп. Не, тоа не се гласини, тоа е вистината, потврдена од снимките на опозицијата“.

„...Се приближуваме до Скопје патувајќи низ сиромашни квартови. Атмосферата во возилото се стишува. Може ли да биде подобро? Како да излезе човек од овој систем на бескрајна корупција? Ни возачот, ниту патникот не го знаат одговорот. На целта, во центарот на Скопје, прашувам за сметка. Нема проблем, вели возачот. Еве, ви ја давам бланко. Пресметајте му на вашиот шеф колку сакате. На заминување срдечно се поздравуваме“, ја завршува приказната од Скопје, НЦЦ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми