1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога партнерите се шпионираат еден со друг

Ф. Кабиш / А. Кемпман / Г. Масколо / Р. Пинкерт
31 мај 2021

Данската тајна служба ѝ помагала на американската тајна служба НСА да прислушува европски политичари, покажува истражување на европски медиуми. На места биле и Меркел, Штајнмајер и Штајнбрик.

Symbolbild Wikileaks Deutsche Firmen werben in Diktaturen für Überwachungssoftware
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со години е познато дека американската тајна служба ги имала во визир германските врвни политичари, како Ангела Меркел и Франк-Валтер Штајнмајер. Меѓутоа, сега на виделина излегуваат нови детали за шпионирањето: германскиот сосед и близок сојузник Данска веројатно ѝ помагала на НСА за следење на политичарите. Исто така ново е што тогашниот кандидат на германската СПД за канцелар, Пер Штајнбрик, станал исто така мета на тајните служби. Тоа на тим на данскиот радиодифузен сервис (ДР) му го тврдат извори во тајните служби. ДР истражува на ова поле заедно со други европски медиуми, меѓу кои и германските НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“.

Данската тајна служба Forsvarets Efterretningstjeneste (ФЕ), според овие истражувања, ѝ овозможила на НСА користење на станицата за прислушување во близина на Копенхаген, Сандагергардан. Тука се наоѓа важен интернет јазол. Данската влада знаела за следењето на европските соседи најверојатно најдоцна од 2015 година. Тогаш е направен т.н. Дунхамер-извештај. Во документот, кој се држи во тајност, данската тајна служба и интернет специјалисти, во реакција на откритијата на Сноуден, набројуваат колку данската тајна служба соработувала со НСА.

Политички скандал

Притоа, данската влада најверојатно дознала дека Данска помогнала за прислушување на водечки политичари од Шведска, Норвешка, Холандија, Франција и Германија.

Во Германија, покрај канцеларката Меркел и денешниот сојузен претседател Штајнмајер, бил прислушуван и тогашниот кандидат на СПД за канцелар, Пер Штајнбрик, покажуваат истражувањата. Во интервју за НДР, ВДР и „Зиддојче цајтунг“, Штајнбрик вели дека дури сега дознава оти бил прислушуван. „Тоа е политички скандал“, вели Штајнбрик. Тој додава дека и на западните држави им се потребни функционални тајни служби, но ваквиот начин на прислушување на партнерите покажува „дека тие си живеат прилично свој живот“.

И германската влада не знаела за данското прислушување на водечки политичари. Портпарол на владата вели: „Канцеларката се запозна со предметот на вашето истражување откако побаравте реакција.“ Подетална реакција нема. Претседателот Штајнмајер исто така вели дека „немал сознанија“ за можно набљудување од страна на данската тајна служба.

Канцеларката Меркел не знаела дека ја прислушуваат од ДанскаФотографија: picture-alliance/dpa

Бран оставки во данската тајна служба

Извори од данската тајна служба за данскиот радиодифузен сервис велат дека НСА и ФЕ за набљудување го користеле софтверот за шпионирање XKeyscore. Оваа програма во минатото беше користена од страна на НСА и пријателски тајни служби, меѓу кои и германската БНД, за при одредено пребарување од голем обем на податоци да се филтрираат и анализираат на пример имејл адреси или телефонски броеви.

Според Духамер-извештајот, кој се држи во тајност до денес, а во кој се истражува соработката помеѓу НСА и ФЕ во 2012 и 2014 година, цел на набљудување биле и цели во Данска. На пример, биле шпионирани цели во данското Министерство за надворешни работи и Министерството за финансии, како и данска фирма за оружје. Данската тајна служба им помогнала на Американците во шпионирање на сопствената влада. Тоа, според данските закони, е забрането и откако беше обелоденето, доведе до бран оставки. Имено, расчистувањето на скандалот во 2020 година доведе до оставка на целото раководство на ФЕ. Оставка поднесе и поранешниот шеф на тајната служба Томас Аренкил, кој требаше да биде поставен за амбасадор во Германија. Тогаш, меѓутоа, сѐ уште не беше познато дека цел на шпионажата од Данска биле и Меркел, Штајнмајер и Штајнбрик.

Цел на набљудување биле и цели во Данска (фото: Копенхаген)Фотографија: Hesam

Спроведување интереси

Данците тогаш биле соочени со изборот - да работат со Американците или со европските партнери, објаснува Томас Вернер Фрис, дански експерт за работењето на тајните служби. „Очигледно се одлучиле за Американците и против европските партнери.“

Од најновите откритија не е изненаден ниту Патрик Зензбург, политичар на германската ЦДУ кој во Бундестагот претседаваше со Истражната комисија за НСА. Зензбург вели дека треба да се разбере системот на тајните служби: „Тука не се работи за пријателства. Не се работи за морално-етички барања. Се работи за спроведување интереси.“

НСА, данската тајна служба ФЕ и данското Министерство за одбрана не сакаат да ги коментираат откритијата од истражувањето. Данското Министерство за одбрана само општо оценува дека „систематско прислушување на блиски сојузници е неприфатливо.“

И БНД шпионирала политичари

Од 2007 година и германската тајна служба БНД го користи софтверот за шпионирање XKeyscore. Го има добиено од американската служба НСА. БНД го има користено XKeyscore пред сѐ за набљудување и анализа на комуникацијата преку сателит. Притоа, БНД шпионирала не само терористи, туку и американски и европски политичари, министерства и други институции, како и Интерпол, ОБСЕ, различни компании и невладини организации.

 

Истражувањето е направено со соработка на данската телевизија ДР, шведската СВТ, норвешката НРК, француски Ле Монд, како и германските НДР, ВДР и Зиддојче цајтунг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми