1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионската сага во Србија продолжува

Ивица Петровиќ
31 октомври 2016

Србија ја тресе шпионска треска. Дали станува збор за „геополитичка борба за Србија меѓу Истокот и Западот“? Или за нешто со многу поприземна внатрешнополитичка заднина?

Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Странски и балкански шпиони се откриваат секојдневно и на секој чекор, така што сега веќе станува комплицирано да се следи целиот тек на случувањата. Сето започна со откривањето на пензионираниот припадник на РСК војската кој шпионирал во полза на Хрватска, а продолжи со откривањето на припадникот на Управата на криминалистичката полиција кој, наводно, пренесувал доверливи информации на оперативците на ЦИА. Паралелно со откривањето на шпионите во Белград, започна и сагата со „терористите’ од Србија кои се уапсени во Црна Гора на денот на изборите, кои се осомничени дека планирале да ги соборат локалните власти. Одделни белградски медиуми објавија податок, кој подоцна руската страна го демантираше, дека неколку руски државјани се протерани од Србија поради организирање на терористичка акција во Црна Гора. А неодамнешната посета на Белград на првиот руски разузнавач Николај Петрушев всушност послужи како дефинитивна потврда дека „лично Петрушев дошол по своите шпиони“.

Најнова вест е откривањето на арсенал оружје во близината на семејната куќа на премиерот Александар Вучиќ во Јајинци. Веста вели дека е откриен блиндиран автомобил во кој е пронајдено големо количество на оружје, муниција и еден ракетен фрлач. Владејачката коалиција смета оти станува збор за обид за атентат, додека премиерот Вучиќ истакнува дека ќе се почекаат официјалните резултати од истрагата: она што сега се очекува е да се утврди кому му припаѓало оружјето и дали имало пропусти кај безбедносните служби.

Апсењето на осомничените „терористи“ во Црна Гора на денот на парламентарните избориФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Недостаток на информации- вишок на шпекулации

По серијата медиумски и виртуелни државни удари, како и обвинувањата дека зад сето тоа стои Запад и неговите тајни служби, на кои им пречи „силниот Вучиќ“, српската јавност се најде среде басната „Момчето и волкот“. Српските претставници, имено, веќе многу пати невнимателно се заплеткаа во сопствените лаги и разните медиумски сценарија што сега речиси секоја алармантна вест од овој вид практично повеќе служи за потсмев отколку што предизвикува загриженост кај граѓаните. Милош Васиќ, новинар од магазинот „Време“, за ДВ вели дека некои од тие случувања имаат повеќе слоеви: „Целата приказна околу Црна Гора е невешто одработен ПР, кој требаше да му помогне на Мило Џукановиќ подобро да помине на изборите. Што се однесува до припадникот на Управата на криминалистичка полиција, кој наводно предавал тајни на американската ЦИА, не сум забележал оти на некој американски дипломат му е откажано гостопримството, што инаку се случува во такви случаи. Колку што ја знам, српската полиција има добра соработка со американските агенции, и сега не знам кои информации ним им недостатуваат за да мораат да имаат свој извор внатре. И сега имаме некоја нејасна слика која останува интересна за популистички приказни. Знаете, кога ќе снема аргументи се фаќате за странски шпиони, предавници, платеници и други“.

„Голем проблем е тоа што ние располагаме со малку информации и тоа нѐ доведува во една непријатна ситуација да мораме да ги толкуваме зборовите на министерот за внатрешни работи или на премиерот“, вели пак за ДВ, Софија Мандиќ, од Белградскиот центар за безбедносна политика. „Во тоа толкување тогаш секој вградува своја перцепција врз основа на тој недостаток на информации. Така што можеме да кажеме дека официјалните институции не нѝ даваат доволно информации и така на некој начин нѐ направија помалку безбедни.“

Интензивирањето на шпионски афери доведе до цела низа анализи во српските медиуми дека сѐ што се случува на тој план е резултат на геополитичка борба за Србија помеѓу Запад и Исток. Милош Васиќ оценува дека единствено што им е важно на големите сили е тука да не се ниша чамецот и да не се прават проблеми. Изгледа дека постојат сѐ повеќе места во светот во кои се врши таа некаква проверка на влијанието помеѓу Запад и Русија, и тука Србија не е никаков исклучок, забележува Софија Мандиќ. „Се чини дека нашите власти се обидуваат на Србија да ѝ дадат посебно значење, но мислам дека сепак тоа не е така.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми