1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шри Ланка: крај на граѓанската војна

19 мај 2009

Армијата соопшти дека е убиен водачот на тамилските бунтовници Велупилаи Прабакаран во обид за бекство, како и редица други високи воени водачи на бунтовниците, кои објавија дека се откажуваат од борба за своја држава.

Радост поради крајот на војнатаФотографија: AP

Премиерот на Шри Ланка ја потврди веста за смртта на бунтовничкиот водач.

На улиците на главниот град Коломбо илјадници луѓе славеа. Танцувањето започна веќе во неделата, кога претседателот на земјата Махинда Раџапаксе ја објави воената победа на владините сили против бунтовниците.

„Пресреќна сум. Толку долго чекавме на ова. Од како сум родена живеам со оваа војна и не сакам таа да ме следи до смртта“, вели една млада жена.

„Сиот свет секогаш велеше дека тероризмот не може да биде победен. И ние сите така мислевме. Многу сме им благодарни на нашиот претседател и на армијата. Сега ние и наредните генерации можеме да живееме во мир и среќа. Војната заврши“, вели постар таксист, кој возилото го украсил со националното знаме.

Армијата, според сопствени наводи, го опколила водачот на бунтовниците Велупилаи Прабакаран во една мала област во џунглата на североистокот на земјата, заедно со уште околу 200 востанички борци. Во борбите било убиено комплетното раководство на бунтовниците, нивниот водач и неговиот син. Интернет-порталот Тамил Нет, близок до бунтовниците, зборува за масакр од страна на владините трупи.

Водачот на Тамилските тигри, ПрабакаранФотографија: AP

Децениска борба

55 годишниот бунтовнички водач Прабакаран избегнуваше да се појави во јавноста. Организацијата ослободителни тигри на Тамил Елам ја формира во 1976 година, а на почетокот на 80-тите години на минатиот век организацијата започна оружена борба за создавање држава на угнетеното тамилско муслиманско малцинство на северот и истокот на островската земја. Герилската армија располагаше дури и со сопствена морнарица, мало воено воздухопловство и имаше до 15 илјади припадници, кои долго време успеваа да контролираат големи територии од земјата. Прабакаран не трпел противење во сопствените редови и наредувал да бидат убиени политичките противници, а како оружје во борбата користел и атентатори-самоубијци. Поради тоа ЕУ во 2006 година Тамилските тигри ги прогласи за терористичка организација.

Војната заврши, но политички концепт за судирот меѓу мнозинските Синагалези и малцинските Тамили се‘ уште нема. Околу 250 илјади тамилски цивили живеат под мизерни услови во бегалски логори заградени со бодликав тел.


Автор: Сандра Петерсман/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска





Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми