Шри Ланка: Демонстранти упаднаа во претседателската палата
9 јули 2022![Sri Lanka | Proteste gegen die Regierung im Präsidentenpalast](https://static.dw.com/image/62416593_800.webp)
Десетици илјади луѓе се собрале денеска во главниот град на Шри Ланка, Коломбо, барајќи оставка од претседателот на државата, Готабаја Раџапакса и на владата. Полицијата употребила солзавец против демонстрантите, што се гледа и на снимки прикажани на телевизија. Во растерување на демонстраните и смирување на немирите се ангажирани и војници, се вели во извештаите.
Претседателот Готајаба Раџапакса морал да биде евакуиран од претседателската палата поради упадот на разјарена толпа демонстранти.
Островската држава јужно од Индија, со своите околу 22 милиони жители ја преживува својата најкатастрофална економска криза по повеќе децении. На енормно задолжената земја ѝ недостигаат пари за набавка и увоз на важни продукти, како енергенси и лекови. Залихите на гориво се доволни само за неколкудневно функционирање на виталните служби, како снабдување со храна и здравство. Обичните граѓани веќе не можат да наточат гориво. Шри Ланка, наоѓајќи се во очајна положба, се обрати за помош до Меѓународниот монетарен фонд и до повеќе држави, меѓудругото упати и понизни молби до Русија, молејќи за испорака на енергенси и доаѓање руски туристи во земјата.
Соочена со постојаните протести во изминатите неколку недели, владата вчера воведе неограничен полициски час, но под притисок на граѓански иницијативи, адвокати и будистички свештеници, кои ги поддржуваат протестите, ја повлече забраната.