1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмаер оптимист за Косово

9 ноември 2007

По средбите со висока косовска делегација и со шефот на српската дипломатија Јеремиќ во Берлин, германскиот министер за надворешни Штајнмаер верува дека двете страни може да најдат заедничко решение за Косово.

Франк Валтер ШтајнмаерФотографија: AP

Состанокот на шефот на германската дипломатија Штајнмаер со претставниците на косовските Албанци заврши без резултати, но министерот и понатаму се надева дека во преговорите меѓу Белград и Приштина ќе се пронајде компромисно решение до 10 декември. Одлучно ги поддржува посредничките напори на меѓународна група.

„Да и ја оставиме на меѓународната преговарачка Тројка таа можеби мала, но реална шанса за постигаење договор и да појдеме од тоа дека европските држави одговорно ќе тргнат во понатамошното решавање на процесот“, рече Штајнмаер.

Сејдиу воздржан

Последиците од еднострано прогласена независност на Косово, министерот не сакаше да ги коментира. Со дискретен настап и воздржана реторика, косовскиот претседател сакаше да ги отстрани стравувањата на Србија за насилно отцепување. Но, Сејдиу јасно даде до знаење дека основа цел останува независност на Косово, како и дека решението ќе се бара со меѓународна поддршка и согласност, како и дека решението ќе се бара и по крајниот рок, 10 декември.

Косовскиот претседател СејдиуФотографија: AP

„ Ако не се пронајде решение кое ќе го поддржат сите страни, во интерес на Косово е да преземе сопствени чекори, но тие ќе бидат координирани и усогласени со меѓународните партнери,“ вети косовскиот претседател. Сејдиу ја нагласи европската определба на својата земја и народ.

„Бевме во минатото, а и по независноста на Косово ќе останаме партнер и дел од евроатланските интеграции“, порача гостинот од Приштина. Перспектива која, како што рече германскиот министер Штајнмаер, ја сака по секоја цена за сите земји од Балканот.

Косово тема и на средбата Меркел Буш

Во разговорите со Штајнмаер учествуваа и косовскиот премиер Чеку, претседателот на Демократската партија на Косово, Хашим Тачи, претседателот на Парламентот Кол Бериша, како и членовите на преговарачкиот тим Ветон Сурои и Блерим Шаља.

Штајнмаер вчера во Берлин за Косово разговараше и со шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ. На средбата го предупредил српскиот министер дека не би било добро рокот за постигање решение, поставен во декември, да се одлага бидејќи тоа би значело ризик за безбедноста на целиот Западен Балкан. За Косово денеска на ранчот во Тексас со американскиот претседател Буш ќе разговара и германската канцеларка Ангела Меркел. Од владини кругови во Берлин се дознава дека е планирано „продлабочена размена на мислења„ за Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми