Пред 75 години заврши Втората Светска Војна - а со тоа и тиранијата на нацизмот. Германскиот претседател денеска им оддаде почит на жртвите и повика на отпор против новиот национализам.
Реклама
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ја повика меѓународната заедница да извлече лекции од крајот на Втората Светска Војна и да се придвижи кон „повеќе, а не помалку соработка“ во борбата против новата пандемија на коронавирусот,
„Не треба да прифатиме мировниот поредок (воспоставен во 1945 година) да исчезне во чад пред нашите очи. Ние сакаме повеќе а не помалку соработка во светот, вклучително и во борбата против пандемијата", рече Штајнмаер во говорот во Берлин по повод 75- годишнината од крајот на Втората Светска Војна.
Штајнмаер зборуваше на мала церемонија на која тој, канцеларката Ангела Меркел и првите луѓе на Бундестагот и на Врховниот суд положија венци во меморијалниот центар на жртвите од војната и насилството во Берлин за да ја одбележат 75-годишнината од крајот на Втората Светска Војна.
Германскиот претседател планираше да одржи голем настан со 1.600 гости пред зградата на Рајхстаг во Берлин по повод оваа годишнина, но тоа беше откажано поради пандемијата.
Во својот говор, германскиот претседател ги повика и своите сонародници да гледаат на 8-ми мај 1945 година, како на ден на „благодарност“, а не на горчина поради поразот.
„Да, ние другите Германци денес можеме да кажеме дека Денот на ослободувањето е ден на благодарноста. И ни беа потребни три генерации за да можеме да го кажеме тоа со полно срце“, рече Штајнмаер.
Да не се повтори: Споменици на теророт
По завршувањето на Втората светска војна, на 8 мај 1945, Германија започна процес на осознавање на нацистичката диктатура и на нејзините злосторства. Спомениците не дозволуваат да бидат заборавени милионите жртви.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sven Hoppe
Дахау
Нацистичкиот режим го отвори првиот концетрационен логор во Дахау, во близина на Минхен. Само неколку недели по доаѓањето на власт на Хитлер, тој беше искористен од паравоените СС-формации за затворање, измачување и убивање на политичките ривали. Дахау исто така послужи како модел за другите нацистички логори кои уследија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Нацистичките митингашки простори
Нирнберг беше домаќин на најголемите митинзи на нацистичката пропаганда од 1933 година до почетокот на војната. Годишниот конгрес на нацистите, како и митинзите со по 200 илјади учесници се одржуваа на просторот од 11 квадратни километри. Денес, недовршената конгресна сала служи како документациски центар и музеј.
Фотографија: picture-alliance/Daniel Karmann
Вилата Ванзе
Вилата на берлинското езеро Ванзе беше клучна во планирањето на холокаустот. 15 членови на нацистичката влада и на раководството на СС се состанаа тука на 20 јануари 1942 година, за да го испланираат т.н. „Конечно решение“- депортацијата и уништувањето на сите Евреи на териториите окупирани од Германците. Во 1992 година вилата беше пренаменета во меморијал и музеј.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Берген-Белзен
Концентрациониот логор Берген-Белзен во Долна Саксонија првично беше изграден како логор за воени заробеници, пред да стане концентрационен логор. Затворениците кои биле премногу болни за да работат биле носени тука, и многумина починале од болести. Една од 50-те илјади жртви била и Ана Франк, еврејското девојче кое постхумно се здоби со меѓународна слава со својот дневник.
Фотографија: picture alliance/Klaus Nowottnick
Споменик на германскиот отпор
Зградата Бендерблок во Берлин била седиште на групата на воениот отпор. На 20 јули 1944, група офицери на Вермахтот, под раководство на полковникот Класу фон Штауфенберг, изведоа неуспешен атентат врз Хитлер. Водачите на заговорот експресно беа егзекутирани во дворот на Бендерблок, кој е денес споменик на отпорот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Центарот за евтаназија Хадамар
Од 1941 година, луѓето со физички и ментален хендикеп биле убивани во психијатриската болница во Хадамар, во покраината Хесен. Прогласени за „непожелни“ од страна на нацистите, околу 15 илјади луѓе биле убиени со задушување со јаглероден моноксид или со инјекција. Повеќе од 70 илјади луѓе биле убиени во Германија во рамките на програмата на нацистите за евтаназија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Меморијал на холокаустот
Лоциран во близина на Бранденбуршката порта во Берлин, Меморијалот на убиените Евреи во Европа беше отворен 60 години по крајот на војната. Архитектот Петер Ајзенман креираше поле со 2,711 бетонски плочи. Во подземјето се испишани имињата на сите познати жртви на холокаустот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Споменик на прогонуваните хомосексуалци
Недалеку од Меморијалот на холокаустот во Берлин, се наоѓа споменикот за илјадниците хомосексуалци прогоновауни од нацистите меѓу 1933 и 1945 година. Споменикот висок четири метри, со прозорец кој наизменично покажува двајца мажи и две жени како се бакнуваат, беше отворен во мај 2008 година.
Фотографија: picture alliance/Markus C. Hurek
Меморијал на Синтите и Ромите
Спроти зградата на Рајхстагот во Берлин, паркот отворен во 2012 година е и споменик за над 500 илјади убиени Синти и Роми од страна на нацистите. Околу меморијалниот базен испишана е поемата „Аушвиц“ на ромскиот поет Сантино Спринели на три јазици: англиски, германски и ромски.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Спомен-плочки пред куќите на Евреите
Во 1990, уметникот Гинтер Демних започна со проект за соочување со нацистичкото минато. Спомен-плочки од месинг беа поставени пред куќи на жртвите на нацистите, со нивни лични податоци. Повеќе од 45 илјади „спомен плочки“ беа поставени во 18 земји во Европа - тоа е најголем децентрализиран музеј на холокаустот во светот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Кафеавата Куќа“ во Минхен
Веднаш до канцеларијата на Хитлер (Führerbau), седиштето на Нацистичката партија на Германија се наоѓала во „Кафеавата Куќа“ во Минхен. На нејзино место сега е поставена бела коцка. Нов „Документарен центар за историјата на националсоцијализмот“ е отворен на 30 април 2015, 70 години по ослободувањето од нацистичкиот режим.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sven Hoppe
11 фотографии1 | 11
Така, тој потсети на говорот на еден од неговите претходници, Рихард фон Вајцзекер, кој остана забележан во историјата. На 40-годишнината од крајот на Втората Светска Војна во 1985 година, Вајцзеркер прв зборуваше за „ден на ослободување“ и за Германија, што значеше и прекин на широко распространетата перцепција за пораз во земјата.
Владата во Берлин денеска прогласи празничен ден за одбележување на 75-годишнината од крајот на војнаа, но тој е ограничен само на главниот град и се важи само за оваа година