Штајнмајер апелира за смирување на ситуацијата во Либан
3 декември 2006![Ќе се одржи ли на власт: либанскиот премиер Фуад Синиора](https://static.dw.com/image/2099376_800.webp)
Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер денеска ја продолжува турнејата по блиско источниот регион со посета на германските мировници кои во рамките на меѓународната мисија имаат задача да патролираат пред брегот на Либан. Вчера вечер тој во Бејрут демонстративно му пружи поддршка на премиерот Фуад Синиора кој е соочен со масовни демонстрации на опозицијата и барања за оставка. Нина Веркхојзер испрати извештај од Бејрут.
Блокадата на приодните патишта и целото здание на либанската влада важеше вчера и за гостинот од Берлин. Не помогнаа ни сините ротирачки светла, ни сирените на полицијата. Дури по подолги преговори со демонстрантите Франк Валтер Штајнмајер можеше да се сретне со премиерот Синиора. За време на разговорите во зданието на владата десетици илјади демонстранти, приврзаници на шиитската милиција Хезболах гласно бараа оставка на актуелната влада.
Демонстрациите останаа мирни, но напнатоста висеше во воздухот кога германскиот министер за надворешни работи со задоцнување поради подолгите разговори конечно се појави пред медиумите:
„Оние кои сакаат да ја сочуваат демократијата во оваа земја, а тоа го сакаат се надевам најголемиот број граѓани, тие не смеат да дозволат оваа влада да биде ставена под знак прашање преку улични протести„ – порача Штајнмајер.
За преговори наместо улични протести се изјасни и премиерот Синиора:
„Цврсто сум уверен дека Либанците во минатото се обидоа да ги решат проблемите со насилни средства и тоа се покажа како грешка. Во Либан насилството не ги решава проблемите. Затоа не дозволете никој да си го губи времето, зашто тоа нема да доведе до ништо.„
По разговорите со Синиора Штајнмајер се сретна и со претседателот на либанскиот парламент, Наби Бери, кој и‘ е близок на опозиционата Хезболах милиција. На адреса на нејзиното раководство гостинот од Берлин порача:
„Во оваа многу напната ситуација мораат сите страни во Либан да се свесни за нивната одговорност. Никој не смее да биде заинтересиран за натамошна дестабилизација на земјата. Сигурен сум дека токму населението на земјата, кое годинава беше погодено од големи страдања, ништо не си посакува повеќе отколку стабилност и мир.„