Штајнмајер бара да се овозможи непречена работа на СЈО
1 септември 2016![](https://static.dw.com/image/19511793_800.webp)
Во реакцијата по вчера постигнатиот договор за одржување предвремени избори во Македонија на 11 декември, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер вели:
„Го поздравувам тоа што сега, по долги напори, многу преговори и разговори, македонските партии постигнаа договор за спроведување на предвремени нови избори. Консензусот е во согласност со Договорот од Пржино од јуни 2015 година.
Сега е клучно договорот за понатамошното постапување до изборите да се спроведе веродостојно и брзо. Мора да се избегне натамошно заостанување на земјата на патот кој води до приближување на ЕУ. Притоа останува важно, Специјалното јавно обвинителство да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата. Им благодарам на еврокомесарот Хан и неговиот тим како и на мојот специјален пратеник, господинот амбасадор Јоханес Хајндл, кои со своето посредништво значително придонесоа за успехот на партиските разговори.“
Договорот на партиските лидери, постигнат вчеравечер во Скопје, го поздравија и ЕУ и САД и нагласија дека е неопходно спроведување на реформските приоритети за Македонија да се врати на евроатлантскиот пат.