1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер во Москва - нов почеток во односите?

Никита Жолквер
25 октомври 2017

Последен пат еден германски претседател во посета на Русија бил во 2010 година. Сега Франк-Валтер Штајнмајер се обидува да даде нов импулс, но за нормализација на односите меѓу двете земји не може да стане ни збор.

Tag der Deutschen Einheit in Mainz
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер ја продолжува традицијата која беше прекината од страна на неговиот претходник Јоахим Гаук. Пред него, секој претседател по обединувањето на Германија се чувствуваше обврзан да ја посети Москва. Гаук, поранешен борец за човекови права во источна Германија и протестантски пастир, не му се допадна на рускиот претседател Владимир Путин, поранешен соработник на КГБ. Тие се сретнаа само еднаш. Тоа беше во пролетта 2012 година, кога Путин на патот кон Париз застана во Берлин.

Слаби беа обидите кои ги направија протоколите на двете земји да организираат посета на Гаук во Москва. Во Берлин изговорот гласеше: проблеми со термините. Но сепак можеше да се чујат гласини дека Путин, по студеното добредојде во Берлин, не гори во желба да се сретне со Гаук во Кремљ.

Меѓутоа, далеку поинаков беше односот на претходниците на Гаук со руското раководство. Роман Херцог (претседател 1994-1999), за време на неговата официјална посета на Москва во септември 1997 година, говореше во руската Дума. Тој тогаш повика на градење на заедничка иднина.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Руските турнеи на германските претседатели Јоханес Рау (2002) и Кристијан Вулф (2010) поминаа во срдечна атмосфера. И двајцата го водеа своите сопруги со нив. И двајцата останаа во Русија неколку дена.

Патување во сенката на украинскиот конфликт

И Франк-Валтер Штајнмаер негува пријателски чувства кон Русија. Оние кои го познаваат подобро велат дека Штајнмајер е еден од оние Германци кои понекогаш изразуваат ирационално многу почитување и отворени симпатии кон Русија и Русите. Не е случајно што Штајнмајер како министер за надворешни работи од година во година патуваше за Екатеринбург, каде држеше предавања на Уралскиот универзитет и беше искрено воодушевен од разговорот со студентите.

Во исто време, тој беше многу критичен кон Путин. Штајнмајер, исто така не го крие своето разочарување од Сергеј Лавров, со кого помина часови и часови во таканаречениот Нормандиски формат, обидувајќи се да изнајде политичко решение за конфликтот во Украина.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Според тоа, на неговата посета треба да се гледа токму во контекст на овој конфликт. Кабинетот на претседателот соопшти дека не станува збор за државна, туку за работна посета, а и самата програма е така конципирана. По полагањето венец на споменикот на непознатите борци, Штајнмајер ќе се состане со претставници на руските организации за човекови права. Потоа, во германската амбасада во Москва, тој се состанува со Михаил Горбачов.

Потоа програмата предвидува посета на црквата Св. Петар и Павле, која руската држава сака да ѝ ја врати на евангелистичката црква по повод 500-те години од реформацијата. Штајнмајер уште како министер за надворешни работи, силно се залагаше за враќање на оваа црква на протестантите.

Без илузии пред состанокот во Кремљ

Германскиот претседател не се откажува од критичките ставови за руските постапки на Крим и во источниот дел на Украина. Не е случајно тоа што Штајнмајер, пред патувањето во Москва, ги посети балтичките земји, каде анексијата на Крим ја осуди како спротивна на меѓународното право. Тој, исто така, им вети на Естонија, Летонија и Литванија германска поддршка во гарантирањето на националната безбедност и соработката со НАТО.

Штајнмајер пред посетата на Москва за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ својот однос кон Русија го коментираше на следниов начин: „Немам илузии за состојбата на нашите релации. Но, од моја гледна точка, не е алтернатива ни да не зборуваме.“

Фотографија: Getty Images/AFP/A. Zemlianichenko

Никој во Германија не ја разбира подобро од Штајнмајер сложеноста на потрагата по излез од ќорсокакот, кога станува збор за конфликтот во источна Украина. За време на состанокот со претседателот Путин - тој е последен на програмата - Штајнмајер нема претерано да се заложи за обновување на „стратешкото партнерство“ и „партнерството за модернизација“. Најверојатно ќе се обиде да види дали Кремљ е воопшто подготвен за конструктивен дијалог и дали, на пример, ќе изрази подготвеност за распоредување на сини шлемови на ОН на истокот на Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми