Штајнмајер загрижен за судбината на заложниците во Ирак
4 април 2007“Ние сме и понатаму многу загрижени за судбината на двајцата Германци киднапирани во Ирак. Видео пораката на грабнувачите е шокантна и нечовечка. Но, не ја губиме надежта дека преку напорите на кризниот штаб на крајот сепак ќе успееме да ги ослободиме двајцата германски граѓани“ - нагласи германскиот министер за надворешни работи.
Во видео снимката може да се видат 61-годишната Ханелоре Краузе и нејзиниот 20-годишен син како молат да бидат исполнети барањата на киднаперите. Ханелоре Краузе, видно исцрпена преколнува: “Сега треба да умрам заради присуството на германски и австриски војници во Авганистан. Ве молам помогнете ми!“ Таа пред грабнувањето беше службеничка на австриската амбасада во Багдад.
Паралелно со видео снимката исламските милитанти објавија и порака во која меѓу другото се вели:
“Повлечете ги вашите војници од Авганистан. Доколку тоа не се случи, судбината на оваа злосторничка и на нејзиниот син ќе биде запечатена...“ “Оваа жена е претставник на држава што е непријателски настроена кон исламот и муслиманите и која има војници што ги убиваат нашите жени и деца.“
Милитантната група и‘ постави нов ултиматум на германската влада да ги повлече сите војници од Авганистан во рок од 10 дена. Во спротивно заложниците ќе бидат егзекутирани.