1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер за ДВ: Нема воено решение за украинската криза

Дагмар Енгел/Б. Георгиевски20 мај 2014

Шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмајер во интервју за Дојче веле говори за состојбата во Украина и за приоритетите на германската надворешна политика

Фотографија: DW

ДВ: В недела во Украина се избира нов претседател. Г-дине министер, дали со загриженост гледате на тоа?

Во секој случај ние работевме на тоа. Кога велам ние, не мислам само на Германците, туку со многу други земји заедно. ОБСЕ игра голема улога во тоа да се овозможи одржувањето на овие избори. Се надевам дека најголем можен број Украинци, вклучително и оние во источна Украина, ќе имаат можност да го дадат својот глас. Се надевам и дека неделава ќе се одржи уште рунда од дијалогот во Доњецк, на која сите ќе се согласат дека само преку избори се добива легитимитет. Се надевам дека ќе биде избран претседател кој ќе биде признаен и на истокот на земјата.

ДВ: Постои ли некаков план, во случај дијалогот повеќе да не помага, некоја црвена линија, кога ќе следува следната закана со санкции?

Тоа ќе ни го покаже секојдневието, во моментов не мислам на тоа. Концентриран сум на тоа изборите в недела да бидат успешни, и што повеќе луѓе да земат учество на нив. Со тоа проблемите нема да бидат решени, пред нас ќе бидат други, политички пред сѐ, кои ќе се однесуваат на донесувањето на новиот Устав, за кој ќе постојат несогласувања, па и кавги, околу тоа колку децентрализирана ќе треба да биде во иднина власта во земјата, каков ќе биде балансот меѓу претседателот и Владата... Уште поголеми предизвици претстојат во однос на економската стабилизација на земјата, почнувајќи од борбата против корупцијата, со донесувањето на нов закон за борба против корупцијата, и она што е можеби уште поважно, со изградбата на независни обвинителски органи, кои нема да бидат зависни од ниту една влада, или од одредени личности. За тоа да се оствари ќе мора да се испрати голема економска помош, која ќе треба да се насочи кон подобра политика. Тоа се големи предизвици за Украина, но и за меѓународната заедница, во секој случај за сите оние кои имаат интерес Украина повторно да се стабилизира.

ДВ: Можно ли е да се вратиме на односите од пред 2009 година, на статусот пред кризата?

Не, нема враќање назад во старите односи. Без разлика дали во 2009-та или во 1980-те години. Во светот повеќе не постои блоковска поделеност. Дури мислам дека и оние кои посакуваат враќање на Студената војна забележуваат дека тие инструменти повеќе не функционираат. Ние мораме да размислиме за нова безбедносна структура на Европа, откако ќе ја надминеме актуелната украинска криза. Тоа се големите прашања на кои треба да пронајдеме одговори.

ДВ: Ги покажа ли германската надворешна политика досега сите свои инструменти?

Не знам. Кон овој инструментариум спаѓаат и нешта, кои јас не ги посакувам во овој момент. Оние кои повикуваат на воен одговор на украинската криза, не само што не се во право, туку се и неодговорни. Тоа е еден дел од инструментите, кои јас во моментов воопшто не сакам да ги покажувам.

Штајнмајер во разговор со Дагмар ЕнгелФотографија: DW

ДВ: Тогаш која е целта на германската надворешна политика?

Целта на германската надворешна политика е да ја преземеме одговорноста во рамките на нашата способност. Со оглед на актуелната дебата која ја водам не само тука со гости од целиот свет, туку и во меѓународните институции, факт е дека очекувањата од Германија растат од година во година. Причината за тоа е во нашата релативна економска сила во однос на многу други, тоа има врска и со тоа што ние ја надминавме кризата во нашата земја, и конечно тоа има врска и со нашето залагање за балансирана надворешна политика, која не избрзува со решенија за кризите, туку ги бара преку отворена анализа, наместо да се затвора во слепи улици.

ДВ: Од надвор од нас се бара поголем ангажман. Но кога ќе ги прашате Германците, две-третини се за поголема воздржаност.

Да, и ние го направивме овој тест. Прашавме меѓународни експерти: што очекувате вие од Германија и од германската надворешна политика? Добивме одговори дека Германија треба да покаже поголемо лидерство во Европа, или дека мора да биде погласна, или дека треба повеќе да се ангажира во конфликтите во светот. Тоа е во директна спротивност со едно друго испитување кое ние исто така го спроведовме: Што очекуваат Германците и германската јавност од надворешната политика? И тука добивате една сосема поинаква слика. Околу 40 проценти велат: Да, поголем ангажман е веројатно потребен, дури и нужен. Но, мнозинството од 60 проценти велат: подобро не, подобро да се држиме на страна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми