Штајнмајер и Фишер не знаеле за грабнувањето на Масри
15 декември 2006Министерот Штајнмајер отфрли каква и да е замешаност во грабнувањето на Ел Масри. Ниту владата, ниту тајните или службите за безбедност помагале при грабнувањето или молчешкум го толерирале, изјави Штајнмајер. Не треба да се заборави дека Германија, по нападите од 11 септември остана поштедена за разлика од нападите во Лондон или Мадрид. За такво нешто мораше многу да се работи, изјави министерот:
„Понекогаш за тоа беа потребни тешки решенија. Но, во едно можам да ве уверам – се додека беа потребни такви решенија тие беа носени во рамките на државните надлежности и граници„.
Пред Штајнмајер пред истражната комисија зборуваше неговиот претходник Јошка Фишер. Тој посведочи дека:
„За грабнувањето разбрав дури по писмото на адвокатот„.
Значи, дури по ослободувањето на Ел Масри. Според претседавачот на комисијата, социјалдемократот Томас Оперман, по испитувањето на Штајнмајер и Фишер веќе не постои сомнеж во исправното однесување на поранешната црвено-зелена влада:
„Штајнамјер во оваа ситуација одиграл многу конструктивна улога. Мислам дека како Германци треба да бидеме горди на тоа што не сме биле замешани во грабнувањето„.
За разлика од него, претставникот на зелените во одборот Ханс Кристијан Штребеле проценува:
„Документите покажуваат дека министерот за надворешни работи и министерството не биле информирани за многу нешта што како информации ги имале тајните служби, министерството за надворешни работи или во кабинетот на канцеларот„.
Сепак, според Штребеле, со тоа се уште не е одговорено на прашањето за политичката одговорност.
Што се однесува до Германецот од турско потекло Мурат Курназ кој преку 4 години беше затворен во американскиот логор во Гвантанамо и каква улога играле германските власти во тој случај, тоа ќе биде предмет на комисијата во наредната година.