1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер кај Клинтон: нова ера во трансатлантските односи?

Кристина Бергман4 февруари 2009

Еден ден откако Хилари Клинтон официјално стапи на должноста американска министерка за надворешни работи, во посета и‘ дојде германскиот колега Франк Валтер Штајнмајер. Теми за разговор имаше многу.

Франк Валтер Штајнмајер и Хилари КлинтонФотографија: AP

До пред една година, никој не можеше да смета на разговар со американска влада која во многу нешта би се согласувала со германските ставови, изјави задоволно шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер во Вашингтон. Тој синоќа (03.02.2009) излезе пред новинарите заедно со својата колешка-домаќинка Хилари Клинтон. Таа ја нарече Германија „еден од најблиските сојузници на САД“.

Но, разговорите не беа само размена на учтивости, туку содржеа цела палета теми од меѓународната кризна сцена и трансатлантските односи, при што Штајнмајер констатираше висок степен на меѓусебна согласност.

Какво решение за проблемите во Авганистан?

Еден од потенцијалните проблеми секако е Авганистан. За американскиот претседател Барак Обама стабилизирањето на состојбата таму има највисок приоритет, Американците сакаат да ја зголемат бројноста на нивните трупи. Нашата влада во моментов ја разработува политичката стратегија за Авганистан, изјави Хилари Клинтон. Можно е САД потоа да побараат поголем број војници од Германија. Клинтон нагласи дека следната недела во регионот ќе патува посебниот американски пратеник Ричард Холбрук, по што ќе се дискутира за идните чекори. Таа беше воздржана и за темата Гвантанамо. Штајнмајер вети дека Германија би разгледала барање за прифаќање дел од тамошните затвореници.

Американски војници во КабулФотографија: AP

Иран и натаму предизвикува загриженост

САД и Германија сакаат да се договорат како да го натераат Иран да ги исполнува своите меѓународни обврски. Клинтон укажа дека Барак Обама се залага за цврсти и директни преговори со Иран, но потенцира и на нужноста од консеквенци, ако Техеран не се придржува на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и Меѓународната агенција за атомска енергија. Штајнмајер е загрижен од веста за лансирањето сателит во вселената од иранско производство. „Ако таму располагаат со такви технички можности, тогаш следните недели и месеци мора поинтензивно да се грижиме за Иран“, изјави Штајнмајер.

Двајцата министри разговараа и за наоѓање заедничка политика со Русија за проблемите во Авганистан, Иран и Грузија, а теми беа и заштитата на климата и војната на Блискиот Исток.

Германскиот министер за надворешни работи се сретна и со членови на американскиот Конгрес со кои разговараше за кризата на финансиските пазари. Штајнмајер изразил загриженост поради новите протекционистички дебати. Пазарите треба да останат отворени, зашто затворени пазари сигурно нема да бидат помош за излез од кризата. Обама синоќа веќе најави преиспитување на мерките од планираниот конјуктурен пакет и воздржување од оние кои другите земји ги толкуваат како протекционистички и можат да предизвикаат трговска војна.






Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми