Штајнмајер стартува нова иницијатива за Украина
2 јули 2014![](https://static.dw.com/image/17663478_800.webp)
Германија со нова дипломатска иницијатива сака да постигне нов прекин на огнот во Источна Украина. Министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер ненадејно ги покани колегите од Русија, Украина и Франција на средба во Берлин.
На министерската средба пред сѐ се очекува да се разговара за мерки, кои треба да обезбедат доверба. Според француски дипломати германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер со неговите колеги, Лорен Фабиус, Сергеј Лавров и шефот на украинската дипломатија Павло Климкин во Берлин ќе бара излез од конфликтот, кој трае повеќе месеци. Основа за средбата треба да биде документот, за кој веќе во понеделникот постоела во голема мера согласност од повеќе страни. Според Штајнмаер меѓународниот договор за малку не бил постигнат.
Шефот на руската дипломатија Лавров во меѓувреме ја поздрави иницијативата на Штајнмајер. Русија искажа готовност за нови разговори на контактгрупата со учество на ОБСЕ, за да се постигне нов прекин на огнот и крвопролевањето.