1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama USA Haushalt

14 април 2011

Американскиот претседател Барак Обама ги објави плановите за штедење, според кои во наредните 12 години САД треба да заштедат 4.000 милијарди долари. Обама меѓу другото планира зголемување на даноците за богатите.

Фотографија: dapd

Американскиот претседател Барак Обама има намера да штеди, особено во четири подрачја од државниот буџет. Први се општите давачки, потоа буџетот за одбрана, а трети се трошоците за здравествено осигурување. Четврта точка од објавениот план за штедење е сеопфатната даночна реформа, со која треба да се затворат дупките во законот, од кои најмногу профитираат богатите Американци. Таквиот даночен систем потекнува од претходникот на Обама на претседателската функција, Џорџ Буш. Обама од политички причини минатата година дури потпиша продолжување на ваквиот даночен систем.

„Не можеме да си дозволиме никакви даночни олеснувања за милионерите и милијардерите. Затоа одбивам да потпишам ново продолжување“, нагласува Обама.

Ваквата најава ќе предизвика голем отпор кај опозициските Републиканци, на кои им е многу важно да не се зголемуваат даноците, посебно не за оние кои заработуваат повеќе од 250.000 долари годишно.

Плановите на Републиканците уште подрастични од оние на ОбамаФотографија: AP

Републиканците го обвинуваат Обама за предизборна реторика

„Претседателот ја слушна нашата порака сосема јасно и гласно. Ако треба да ги надминеме разликите во ставовите и да направиме нешто разумно за намалување на државниот долг, тогаш во тие мерки нема да спаѓа зголемувањето на даноците!“

Оваа заканувачка порака доаѓа од лидерот на парламентарното мнозинство на републиканците во Конгресот, Џон Бонер. Претставници на Републиканската партија веќе ги окарактеризираа објавените планови за штедење на Обама како многу разочарувачки и посочија дека станува повеќе збор за изборна реторика на претседателот. Републиканците всушност веќе ги претставија своите планови за штедење уште минатата недела и со тоа го ставија под притисок Барак Обама и тој да поднесе свој предлог. Плановите на опозицијата се уште подалекусежни и подрастични: тие сакаат да заштедат цели 6.000 милијарди и тоа за 10, а не за 12 години. Меѓу другото тие планираат заштеди во здравствениот систем, посебно за постарите и сиромашните лица. Токму тоа Обама категорично го отфрла:

„За да се справиме со финансиските предизвици, мораме да спроведуваме реформи. Сите мораме да поднесеме жртви за таа цел. Но, при тоа не смееме да ја жртвуваме Америка, во која веруваме. Додека сум јас претседател, такво нешто нема да се случи!“

И од оваа изјава на Обама може да се заклучи дека станува збор за изборна реторика. Обама сака да победи на изборите наредната година и затоа сега тргнува во офанзива и тоа не полето што опозициските републиканци веќе го прогласија за нивен изборен домен - имено намалувањето на огромниот државен долг. Анкетите на јавното мнение јасно покажуваат дека буџетскиот дефицит и` предизвикува главоболи на голем дел од американската популација.

Автор: Ана Енгелке/Горан Чутаноски

Редактор:Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми