Австрија, Шведска, Данска и Холандија излегоа со контра-предлог на оној на Германија и Франција за економската обнова во ЕУ по корона-кризата. Италија веднаш го отфрли предлогот на четирите „штедливи“ членки.
Реклама
Четирите европски земји го претставија својот план за помош во Европска унија наменет за надминување на кризата од пандемијата на коронавирусот, наведувајќи дека го отфрлаат секој механизам за здружување на силите за решавање на европскиот долг.
Холандија, Австрија, Данска и Шведска сакаат итна помош за најзагрозените земји и тоа во вид на краткорочни заеми по поволни услови за време на наредните две години, се наведува во предлог планот за помош кој го пренесува канцеларијата на австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Позајмените пари треба да се наменат за активности кои ќе допринесат за економско опоравување, како што се зајакнување на здравствениот сектор, вложување во иновации и еколошка транзиција.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел, во понеделникот предложија план од 500 милијарди евра за опоравување на економиите загрозени од пандемијата на коронавиросот, преку механизми на здружување на силите за решавање на европскиот долг.
Меѓутоа, четирите земји не се согласуваат со здружување на европскиот долг бидејќи сметаат дека најмалку дисциплинираните земји во економски поглед како и најслабите држави би можеле да имаат полза благодарение на поголемото финансирање од богатите земји.
Наместо тоа, тие предлагаат опсежни реформи и почитување на поставената буџетска рамка. Овие 4 земји се залагаат и за заштита на трошоците од малверзации наведувајќи дека во тој процес би биле вклучени европски обинители и оние кои се задолжени за борба против корупција.
Италија веднаш го отфрли како „несоодветен“ контра-предлогот на Австрија, Шведска, Данска и Холандија за економската обнова по корона-кризата. Тешката рецесија изискува „амбициозни и иновативни предлози“ затоа што внатрешниот пазар со своите придобивки за сите Европејци е во опасност, објави на Твитер, италијанскиот министер за Европа, Енцо Амандола.
Документот на „штедливите“ земји е дефанзивен и несоодветен“, напиша Амандола. Според него Европската комисија мора да покаже „поголема храброст“ за време на својата дискусија на 27 мај.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.