1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штефан Требст: За јазикот и историјата не може да се преговара

Силвера Падори-Кленке9 јули 2013

„Јазиците не се категории на кои еден народ може да има право или не! Јазиците меѓународно не се признаваат, туку тие се едноставно тука, постојат!“, вели за ДВ проф. др. Требст, кој го коментира и бугарското однесување

Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

ДВ: Сто години по Балканските војни и Каренеги извештајот за кој два дена во Лајпциг дискутираа експерите, имаме ситуација во која Македонија повторно не е миленичка на соседите: ни на Грција, а во поново време ни на Бугарија. Како историчар, како ја гледате ваквата македонска реалност?
Штефан Требст: Мора да се констатира дека бугарската балканска политика по промените (н.з. од 1990) го подржуваше осамостојувањето на Република Македонија и релативно брзо ја призна државата. Овој курс на поддршка постоеше до 2012. Последната година има големи промена и оттогаш владата на ГЕРБ со Бојко Борисов и сегашната на Орешарски се изјаснија во друга насока: ја поддржуваат грчката позиција според која Република Македонија не е се’ уште подготвена за членството во НАТО и Европската Унија. Од грчкиот аспект ова е поради проблемот со името, а од бугарскиот сега очигледно улога има прашањето за јазикот. Ова со години горливо билатерално прашање беше стивнато, и сега се оди чекор на назад. Голем дел од политичката елита во Бугарија е на мислење дека потенцијалното членство на Македонија во НАТО и ЕУ треба да се искористи како средство на притисок за да се обезбеди еден вид договор со Скопје во врска со дефинирањето на македонскиот јазик, историјата на Македонија, еден вид јазични формулации со што ќе се подвлече дека до есента 1944 тие (н.з.јазикот, историјата) биле дел од бугарската национална историја, а потоа, преку ноќ - започнува историската епоха на македонската историја. Дека треба да се направи јасна разграниченост: пред 1944 и по 1944. Под мотото по 1944 вие може да се именувате како Македонци и да имате македонска историја, но се’ што е пред 1944 - е бугарско! Затоа и лесно може да се претпостави дека од македонска страна по ова прашање нема да има подготвеност за компромис, зашто невообичаено е работите како јазикот, историјата и сл. вака да се третираат. Тие не се категории на кои еден народ може да има право или не. Во најмала рака не може еден јазик туку така да се означи. Јазиците меѓународно не се признаваат, туку тие се едноставно тука, постојат. Се признаваат или не државите. Иако има случаи да не бидат признаени и тоа нема големо значење, зашто има многу земји кои постојат иако не се меѓународно признаети. Во конкретниот случај посебноста е што признавањето на Македонија е поврзано со прашањето на името и поради тоа е отежнато членството во меѓународните организации.

Ризичен развој

ДВ Во целава оваа приказна, впечаток е дека Македонија е осамена. Европа е комплетно настрана?
Штефан Требст: Не би рекол. Има редица држави кои ја поддржуваат македонската позиција, но проблемот е што во рамките на ЕУ кога се во прашање новите членства има можности за вето дури и кога само една членка не се сложува. Во една ЕУ, која во меѓувреме има 28 членки, ваквото одлучување е многу непрактично. Ова би морало да се смени. Да важи двотретинско или просто мнозинство, но да не смее една единствена држава да има право на вето и блокирање. И во конкретниот случај против се три држави: Кипар, Бугарија и Грција. Ова е ризичен развој!

ДВ: Токму во Карнеги извештајот за двете Балкански војни, како наведоа експертите, Македонија се споменува во четири од седумте поглавја. Подоцна меѓутоа, Извештајот немаше големо влијание врз целокупниот развој. Зошто?

Бугарски офицери за време на Првата балканска војна, 1912 г.Фотографија: picture alliance/akg-images


Штефан Требст: Една од причиниете е што Извештајот беше изработен, не од владина, туку од приватна фонадација. Друга, причина е што неговото објавување во мај 1914 безмалку се поклопи со почетокот на Првата светска војна. Акцентот во извештајот е ставен на Македонија поради тоа што Втората балканска војна се водеше практично за Македонија. Противниците на Османлиското царство од Првата балканска војна Грција, Бугарија, Србија не можеа да се договорат околу поделбата на територијата (на Македонија) и тоа доведе до Втората балканска војна во која Србија и Грција беа против Бугарија. Затоа територијалниот проблем е во центарот на Извештајот.

Проект во регионот

ДВ: Во целава ова ситуација, проблемите со Грција, Бугарија, Европа има ли Македонија иднина?
Штефан Требст: Секако дека ова е тешка ситуација, но Македонија има редица други соседи и потенцијални партнери за соработка. Сигурно е, меѓутоа, дека многу работи би биле полесни кога Македонија би била членка на Европската унија. НАТО членството, според мене не е толку задолжително потребно зашто веќе има цврста соработка меѓу НАТО и Македонија, но ЕУ членството би било голема предност.

ДВ: Спорот околу името и воопшто Македонија ќе бидат тема на проектот и студиското патување кое на крајот на септември ќе го имете со тим историчари во Скопје, Софија и Солун. Што очекувате од овој проект?

Не може јазикот и историјата преку ноќ да се разграничат и менуваат, Штефан ТребстФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Штефан Требст: Сакаме да ги чуеме објаснувањата од Бугарија и Грција зошто се блокира членството на Македонија во Европската Унија. Блокада, која според наше видување не е во интерес ни на Бугарија, ни на Грција и всушност во нивен интерес би било членството да го поддржат, но тоа не го прават. Затоа, сакаме да разговараме со политичките актери и да ги слушнеме нивните позиции. И токму да побараме одговор на прашањето кое вие го поставивте околу иднината. Сега имаме една состојба, но како си ја замислуваат за 10 или 15 години. Ќе биде ли уште вака или ќе има поместувња на грчка и бугарска страна и зошто во 2012 дојде до бизарен прсврт во однос кон Македонија. И конечно, какви се тамошните пртстави за иднината?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми