1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Штитат ли сегашните вакцини од Делта сојот на коронавирус? 

Катрин Весоловски
15 јули 2021

Има случаи кога и целосно вакцинирани лица починале од Делта сојот на коронавирусот. Кои се причините? И дали вакцините воопшто штитат од мутацијата? Преглед на фактите.

Ganz Spanien erneut zum Corona-Risikogebiet erklärt
Фотографија: Joan Mateu/AP Photo/picture alliance

Во Велика Британија најмалку 259 лица досега починаа како последица на зараза со Делта сојот. 116 од нив биле целосно вакцинирани, велат податоците на британските здравствени власти. Ова ја разгоре дебатата во јавноста – дали вакцините воопшто штитат од Делта варијантата? 

Прво добрата вест: да, вакцините и натаму имаат ефект.

Зошто тогаш и покрај две примени дози постои ризик? 

Ниту една од досега одобрените вакцини не дава 100% заштита од корона-инфекција. Ова го покажуваат сите студии спроведени уште од воведувањето на вакцинацијата. Особено вакцинирани лица со претходни заболувања сепак може да се заразат, во најлош случај и со смртни последици - иако ризикот за тоа е мал. 

Најпознатиот виролог во Германија, Кристијан Дростен во јуни во својот подкаст „Корона апдејт“ на НДР изјави дека „има случаи во кои луѓе умираат и покрај тоа што примиле двојна доза вакцина“. Тука мора внимателно да се истражи што всушност била причината за смртта  и како била поставена дијагнозата. Високиот процент на вакцинирани меѓу починатите од корона најверојатно се должи на фактот дека речиси половина од населението е веќе целосно вакцинирано, што пак истовремено е причина и за споменатата ниска стапка на смртност. Освен тоа, според податоците на британските здравствени власти, 116 од 118 починати биле постари од 50 години. 

Пеги Ризе, научник при Хелмхолц центарот за истражување на инфективни болести, дава сликовит пример во интервју за ДВ. „Дури и 100% од населението да е вакцинирано сепак ќе има неколкумина кои ќе починат како последица на заразата.“ Тоа не значи дека вакцините не штитат, туку не штитат стопроцентно. 

-повеќе: 

Шпекулации без крај - дали вакцините предизвикаа Делта мутација?

Делта-сојот стана доминантен во Германија

Израел: Вакцината Бионтек/Фајзер помалку ефикасна против Делта-сојот

Германски експерт: Делта сојот е позаразен, но смртноста е помала

Кај некои луѓе и покрај примената вакцина може да дојде до смртни последици бидејќи не развиле доволен имунолошки одговор, на пример поради тоа што примале имуносупресивни лекови или имале трансплантација, објаснува за ДВ Георг Беренс, професор на Медицинскиот факултет при Клиниката за ревматологија и имунологија во Хановер. Освен тоа ефектот од вакцината се намалува или исчезнува по неколку месеци. „Некои луѓе поради сплет од несреќни околности може да настрадаат со тешка форма на болеста,“ вели професорот. Вакцините даваат добра заштита, но кај ниту една од нив таа не е стопроцентна, заклучува Беренс.

Симулација во студија покажува дека со вакцинацијата само во Англија досега се спречени 7,2 милиони инфекции како и 27.000 смртни случаи. „Бројката на лица кај кои со вакцинацијата е спречено заразување или смртен исход како последица на вирусот, не само што е восхитувачка, туку таа расте експоненцијално со бројот на вакцинирани,“ објаснува Пол Бирел, еден од научниците вклучени во студијата. 

Во која мера штитат вакцините од Делта сојот?

Сите експерти кои ги консултиравме за овој текст се убедени дека вакцините штитат и од Делта сојот. „Вакцините се одлични“, вели вирологот Вебер. „Имунолошкиот одговор кај вакцинираните кои имаат примено по две дози во просек е поголем отколку кај оние кои стекнале имунитет по прележана зараза,“ појаснува тој. 

Научните наоди ја потврдуваат проценката на експертите. Една нова студија објавена во стручен магазин покажува дека двојна доза од вакцината на Бионтек/Фајзер дава голема заштита од Делта сојот. Сепак новите податоци од Израел покажуваат дека степенот на заштита со оваа вакцина е помал од првичните проценки. Како што соопштија израелските здравствени власти, ефективноста на оваа вакцина во однос на целосна заштита падна на 64%. Со други зборови оваа вакцина „само“ 64% штити од развој на болест со симптоми, но, сепак дава 93% заштита од развој на тешка форма на болеста со хоспитализација. Како израелското Министерство за здравство дошло до овие податоци, не беше посочено. Не одговорија ниту на прашањето на ДВ според каква методологија е изготвена оваа студија. 

Професорот Беренс нагласува дека мора да се има предвид во кое време биле вакцинирани лицата во Израел кои се заразиле со Делта сојот. Првите вакцини таму беа дадени уште минатиот декември. Тоа значи дека ефектот полека опаѓа и можно е да биде потребна и трета доза, вели професорот. И производителите Бионтек/Фајзер укажуваат на тоа во последното соопштение до јавноста. За да се задржи ефикасноста на вакцината, тие бараат да се воведе и трета доза шест месеци по втората. 

Што треба да се знае за сојот Делта?

03:23

This browser does not support the video element.

Претходните податоци од Велика Британија покажуваа повисок степен на заштита кај двете МРНк вакцини од хоспитализација во споредба со податоците од Израел. Една ПХЕ студија покажува дека вакцина на Бионтек/Фајзер со 94% спречува развој на тешка форма на болеста уште по првата доза, додека по втората оваа заштита е 96%. Лицата вакцинирани со АстраЗенека по првата доза имаат 71% ваква заштита, додека по втората примена доза имаат 92% заштита да не завршат во болница. 

Една друга британска студија покажува дека вакцината штити и од развој на било какви симптоми при зараза со Делта варијантата. Според нив, вакцината на Бионтек/Фајзер по само една доза дава 36% заштита од симптоматска болест, додека 88% по втората доза. Кај АстраЗенека заштитата по првата доза е 30%, додека по втората 67%. 

Овие првични резултати од студиите покажуваат дека Делта сојот во основа е поотпорен на вакцините, но сепак целосна вакцинација дава добра заштита и од оваа варијанта на коронавирусот. 

Можна ли е појава на уште поопасни варијанти?

Варијантите на вирусот се случуваат кога тој случајно мутира. „Сигурно ќе се појавуваат нови варијанти уште некое време,“ вели вирологот Вебер. Дури откако поголемиот дел од населението ќе биде вакцинирано нема да има веќе појава на нови мутации на вирусот. Вирологот е убеден дека вакцините нема одеднаш да престанат да имаат ефект само поради појава на нови варијанти. 

Професорот Беренс пак посочува дека не може со сигурност да се каже дали ќе се појавуваат уште поопасни мутации, а секако се појавуваат помалку опасни мутации кои не успеваат да се наметнат. Во секој случај и според него најдобра заштита е вакцината. Беренс вели дека колку е поголем бројот на вакцинирани лица, толку поголем е имунитетот кај населението и помала е стапката на зараза. 

И Пеги Ризе со сличен став објаснува дека не може да се предвиди точно сценарио, но коронавирусот досега мутира почесто од на пример вирусот на сипаници, но поретко од вирусот што предизвикува грип. Тоа значи дека се работи за вирус кој не мутира ниту многу брзо, ниту многу бавно.

Ни требаат ли нови вакцини? 

Досега вакцините се покажаа како ефикасни против сите мутации кои предизвикуваат загриженост. Доколку се покаже дека повеќе не даваат доволна заштита тогаш ќе треба да се адаптираат, вели Ризе, но потенцира дека нема потреба да се избрзува. „Вакцина не се развива во краток рок. Ако на секои три месеци има по една мутација, тогаш не би можеле да го следиме тоа темпо со нови вакцини.“ 

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

02:00

This browser does not support the video element.

Така може да се случи една вакцина да се адаптира на одредена мутација, но за кратко време да стане бескорисна бидејќи во меѓувреме се појавила нова мутација. Вирологот Вебер пак смета дека вакцините веднаш треба да се адаптираат, но посочува оти притоа најголема пречка се обемните студии кои мора да се спроведат пред да се добие одобрение за новата вакцина, а за кои е потребно многу време. 

Производителите Бионтек/Фајзер соопштија дека развиваат вакцина специјално за Делта сојот. Првите клинички студии треба да започнат во август. 

И научниците од реномираната Универзитетска клиника Шарите во Берлин сметаат дека ќе треба вакцините против Ковид-19 постојано да се проверуваат на нивната ефикасност и по потреба да се адаптираат. Во моментов вирусот брзо мутира бидејќи во светот се уште има многу заразени и тој се уште брзо се шири и така и се менува, се вели во нивното соопштение.

„Врз основа на стапката на еволуција на досегашните типови на коронавируси, сметам дека и САРС-КоВ-2 ќе се менува побавно откако ќе се намали стапката на заразени и кога поголемиот дел од светското население ќе стекне имунитет или по прележана зараза, или благодарение на вакцината", објасува Јан Феликс Дрекслер, раководител на студијата од Институтот за вирологија. Очекувањата се дека вакцините ќе бидат подолгорочно ефективни штом се стабилизира ситуацијата. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми