1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што би подразбирал компромисот меѓу Белград и Приштина?

Ивица Петровиќ
2 јули 2018

Зборот „компромис“ несомнено му дава белег на финишот на дијалогот на Белград и Приштина. Останува нејасно што тој поим во овој случај подразбира и дали сите се подготвени на тоа.

Kosovo Belgrad Graffiti-Banner-Botschaften
Фотографија: DW/D. Dedovic

Претставниците на Србија ја користат секоја прилика за да го нагласат значењето на компромисот во решавањето на косовскиот проблем, но сѐ уште никој на јавноста не ѝ понудил објаснување што тој компромис би требало да подразбира во пракса. Паралелно со нагласувањето на компромисот, српските политичари често наведуваат дека во решавањето на косовското прашање Србија не смее да загуби сѐ, а да не добие ништо, но во овој случај никогаш не се знеше што е она што Србија очекува да го добие за да се согласи на конечно решение или потпишување на правно обврзувачки договор.

Одговор на тоа прашање не понуди ни т.н. внатрешен дијалог за Косово, кој исто така е завршен со неразбирливи заклучоци. Доколку пак направиме обид да пронајдеме некаков преовладувачки став по внатрешниот дијалог, тогаш тоа е најверојатно поддршка за замрзнат конфликт на Косово. Застапниците на таа школа на мислење сметаат дека Србија нема причина за брзање и дека мора да чека поповолни геополитички околности за конечно да го реши проблемот на Косово.

Повеќе: Белград - Приштина: решението е „некаде во средината“

Компромис: поделба на Косово?

За Чедомир Антиќ, претседател на Напреден клуб, сепак нема дилеми: српската страна како компромисно решение ја смета само поделбата на Косово. Кога српските претставници зборуваат за компромис, тие мислат на поделбата на Косово, продолжува Антиќ и објаснува зошто тоа никој јавно не го кажува: „Но, тие не се подготвени со тоа да излезат во јавност, затоа што сите со години водеа кампања против такво решение. Извесно е дека ако се повикате на поделба тоа тогаш значи дека сте подготвени да ја признаете независноста на Косово, односно она што од Косово ќе остане. Тоа значи дека оној кој тоа ќе го каже ќе го помести запченикот нанапред и веќе не може да го врати назад. Тие постојано праќаат сигнали во тој правец, но, се разбира, многу е тешко да се дели територија која веќе не ја контролирате.“

Од друга страна, Бојан Ал Пинто Бркиќ од Форумот за меѓународни односи, смета дека кога се велат компромис српските политичари најверојатно не мислат на поделба на Косово. „Мислам дека тоа решение не е на преговарачката маса, нити пак Србија воопшто има можност за воведување на таков некој предлог во преговарачкиот процес. Србија во 1999 година го потпиша Кумановскиот дпоговор, врз основа на кој се донесени Резолуцијата на ОН и различни заклучоци кои упатуваат на тоа дека нема поделба на Косово и дека српскиот суверенитет на Косово не е прашање на кое ќе се враќаме“, вели Бркиќ.

Хашим Тачи, Федерика Могерини и Александар Вучиќ во Брисел (архива)Фотографија: Europäische Kommission

Политика на мали чекори - губење на суверенитет

Тој додава дека Србија можеби уште од Кумановскиот договор води политика на мали чекори кога станува збор за Косово. Таа политика на мали чекори постепено му го препушташе суверенитето на Косово и српските институции речиси исчезнаа од Косово. Сега е големо прашање дали таквата политика е дологорочно одржлива, нагласува Бркиќ.

Ако во тааа смисла се направи обид за да се установи кога српските власти јасно и гласно ќе кажат што е за нив компромисно решение, Бркиќ наведува дека „т.н. црвени линии на Србија околу Косово постојано се поместуваа. Зборот компромис е многу атрактивен и сугерира дека двете страни се одрекле од некои црвени линии за да постигнат решение кое е задоволително за двете страни. Веројатно во наредните месеци поради тоа ќе дојде до некаков договор, кој ќе биде доста сличен на Бриселскиот договор, и тоа ќе се претстави како голем компромис кој е постигнат благодарение на долги и тешки преговори помеѓу двете страни.“

Повеќе: Србија сака да лобира кај Трамп: Отвори се, Бела куќо

(Не)возможен договор без големите сили

Српските медиуми сѐ повеќе свртуваат внимание на тоа дека и албанската страна, наводно, е подготвена исто така да направи некакви компромиси за да се дојде до конечно решение. Ниту од таа страна нема објаснување што за албанските преговарачи би претстваувало компромис, но Чедомир Антиќ смета дека косовските Албанци знаат дека долгорочно ги очекуваат доста проблеми и дека не им е потребно трајно непријателство со Србија.

„Изгледа дека и тие биле подготвени на некакви отстапки, можеби дури и на размена на територии и очигледно е дека за тоа се преговарало во април годинава. Но, светската политика се менува и тоа значи дека доколку Вучиќ постигне таков договор со Албанците, тој мора на некој начин да ги заостри односите со големите сили. Луѓето кои водат преговори се дипломати од среден ранг и тие не сакаат компромис, зашто - зошто би го правеле тоа ако Вучиќ дава сѐ и се согласува со сѐ? За некои работи мора малку и да се борите, а Вучиќ тоа не смее да го прави“, оценува Антиќ.

Повеќе: Дијалогот на Србија и Косово пред пресвртница

Кога станува збор за тоа дека Србија очекува да добие нешто во косовските преговори, Бојан Ал Пинто Бркиќ предупредува дека „проблемот е во тоа што Србија веќе сѐ загуби. Србија ја користи својата позиција за да дојде до некои отстапки од ЕУ или Америка и тогаш тоа се претставува како дел од ист пакет. Очекувањата дека Србија може нешто да добие во преговорите со Косово се несериозни.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми