1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што губи Западен Балкан со заминување на Меркел?

Марина Максимовиќ
3 ноември 2018

За Брисел, повлекувањето на Ангела Меркел ќе биде заминување на неофицијалниот лидер, сидро и едра на ЕУ. И земјите од Западен Балкан во неа гледаа лидер и поддршка во процесот на проширување, ментор за својата политика.

Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Merkel & Thaci & Vucic
Фотографија: Reuters/V. Donev

По најавата на канцеларката Ангела Меркел дека нема повторно да се кандидира за лидер на ЦДУ, а со тоа ни да го продолжи својот мандат на чело на Германија по 2021. година, Европа се најде во речиси алармантна состојба, сигурно и неизвесност. Неизвесноста се прелеа и преку границите на ЕУ, на Западен Балкан. Политичари, аналитичари и граѓани од регионот во последните денови се занимаваат со можните последици од повлекувањето на некој кој беше принципиелна поддршка и даде свој личен печат на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан.

„Меркел не најави заминување од канцеларската функција, туку од партиското кормило во Христијанско-демократската унија. Додека е таа канцеларка, тешко дека ќе дојде до побитни промени во германската политика кон Југоисточна Европа и кон политиката на проширување на ЕУ. Јас не ги очекувам“, вели за Дојче веле директорот на бриселската канцеларија на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања, Душан Рељиќ. 

Повеќе: 

Самит за Западен Балкан - без прашања и одговори

Меркел: Мораме да ги решиме конфликтите на Западниот Балкан

Меркел со морков и стап за Балканот

Бриселски аналитичари кои се занимаваат со прашањето на проширување и политиката на ЕУ кон Западен Балкан се согласни во оценката дека ваквиот потег на канцеларката нема многу да ја промени германската политика во овие сегменти. Во Центарот за европска политика во Брисел напоменуваат дека може да дојде до извесна промена на духот на германските иницијативи во поглед на проширувањето, внесен од самата канцеларка, но подвлекуваат дека во прв ред станува збор за политика на една држава, а не само на нејзиниот лидер.

„Во германската политика кон Југоисточна Европа постои долгорочен континуитет, во голем дел остваруван преку политиката на проширување во Брисел и преку НАТО. Со самото тоа, политиката е вкотвена во меѓународен контекст и не е подложна на брзи и битни промени“, објаснува Рељиќ. 

Она што може да е склоно на промени, а предизвикано од најавата на Меркел за повлекување, се интересите на оние на Западен Балкан кои канцеларката ја прокламираа за свој своевиден ментор.

„Нема да се измени нивната позиција, можеби само реториката, а ќе се најде нов ментор. Меркел имаше одек во регионот, нејзиниот збор беше уважуван, но ќе има свртување кон други политичари ако и кога тоа ќе биде потребно“, смета Роса Балфур од германскиот Маршалов фонд во САД.

Германската политика кон Западен Балкан се базира на континуитетФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Што е потенцијална опасност за проширувањето?

Во германскиот Маршалов план во САД оценка е дека политиката на Германија кон Западен Балкан е детерминирана од интересите кои се однесуваат како на стабилноста, така и на економијата, а тој интерес „ќе опстои, без оглед кој и да биде на власт во Берлин“. Независно од тоа што земјите од Западен Балкан не се значен надворешнополитички партнер на Германија, германските компании и фондации се присутни во регионот. Германија на чело со Меркел го осмисли и Берлинскиот процес, а потоа и планот Берлин плус, сѐ со цел за економско јакнење на регионот и негово подобро меѓусебно и поврзување со ЕУ. Прашање е дали и по Меркел ќе дојде некој со слична посветеност и иницијатива во поглед на Западен Балкан. 

„Ангела Меркел лично инвестираше во ЕУ-политиката на проширување, во момент на ослабување на Европската комисија во водењето на процесот, Германија 'прискокна' на тоа место“, објаснува Роса Балфур. 

Токму таквото слабеење на ЕК, излезот на Велика Британија од ЕУ и промена на власта во одделни ЕУ-држави, како Италија, која се сметаше за голем заговорник на проширувањето, Балфур ги наведува како поголеми свртници за политиката на проширување отколку најавеното повлекување на Меркел. И во германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања првенствено предупредуваат на можните последици од претстојните европски избори во поглед на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан.

„Треба да се обрати внимание на европските избори и формирањето на новата ЕК, поставувањето нов комесар за политика на проширувањето. Тоа се работи кои, додека не се реализираат, можат да доведат до извесно забавување“, вели Душан Рељиќ. Притоа неодговорно би било прогнозирање што може да се случи до 2021. година кога се очекува крај на мандатот на Меркел.

Големо значење за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе имаат европските избори Фотографија: EU2018

Што да очекува Западен Балкан додека Меркел е сѐ уште тука?

Без оглед на продолжувањето на мандатот на канцеларката Меркел, аналитичарите веќе ги проучуваат манифестите на сите поважни германски политички партии и биографиите на нејзините можни наследници, како на чело на ЦДУ, така и на Германија, обидувајќи се да утврдат „најдобри“ и „најлоши“ опции за иднината на политиката на проширување и Западен Балкан. Покрај умереното крило на ЦДУ ги издвојуваат СПД и Зелените како најдобра опција, а крајно десничарската АфД како најголема потенцијална опасност за продолжување на проширувањето на ЕУ. 

Второ прашање е позицијата на Берлин во однос на обидот на Александар Вучиќ и Хашим Тачи за нов пристап во преговорите меѓу Белград и Приштина врз основа на промена на границите. Германската канцеларка не е склона кон такви решенија.

Повеќе: 

„Берлин цврсто против размена на територии“

Меркел за односите Србија-Косово: Ги поддржуваме сите разговори кои водат до решение

„Сега е прашање дали меѓу западните сојузници ќе превладее мислењето сепак да се отстапи од досегашните позиции за неменливост на граничните линии на Балкан. Во САД и во одделни западни престолнини постои склоност за тоа да се разговара поотворено отколку во Берлин. На крајот можеби ќе видиме некои промени и во Берлин“, заклучува Рељиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми