Што да прават Британците кои живеат во други земји на ЕУ?
9 јули 2016По референдумското решение на Британците за брегзит, околу 1,2 милиона британски државјани, кои сега живеат во други земји на ЕУ, се загрижени за својата иднина. Политичарите на островот не го заборавија тоа.
Во средата британскиот премиер Дејвид Камерон, како што е вообичаено, одговараше на прашања на членовите на долниот дом на парламентот. Еден конзервативен пратеник сакаше да знае што ќе се случи со Британците кои живеат во странство, „од кои многумина се стари и со кревко здравје и кои живеат од британски пензии“. Пратеникот сакаше да знае дали премиерот може да гарантира дека ќе бидат заштитени интересите на тие луѓе. Премиерот не сакаше ништо вистински да вети и укажа дека сѐ додека Велика Британија официјално не ја напушти ЕУ, нема да се промени статусот на нивниот престој, а еден оддел од јавната управа во иднина ќе се грижи околу деталите.
На Камерон ништо друго и не му преостана – ни тој не знае како по брегзит ќе одат работите понатаму. Кај сите бирократски прашања многу нешта ќе зависат од преговорите што ќе ги води Велика Британија со ЕУ. Тие ќе траат околу две години, а ќе започнат дури откако Обединетото Кралство официјално ќе го активира член 50 од Договорот од Лисабон.
Разни земји, различни проблеми
Британските државјани имаат различен статус на престојот од земја до земја во ЕУ. Далеку најголем број Британци живеат во Шпанија – околу 380.000, а на второ место е Ирска со околу 250.000. Најголем дел од Британците во Шпанија се пензионери, кои работниот век го поминале во Велика Британија. Тие се во ризична позиција, смета Џон Ворт, британски консултант и политички блогер, кој живее во Германија.
Веројатно ќе им е полесно на околу 105.000 Британци во Германија. „Колку си подобро интегриран во земјата во која живееш, толку посигурна изгледа иднината“, вели Ворт за ДВ. „Британците во Германија во најголем дел се на работноспособна возраст, повеќе отколку во Франција или Шпанија, на пример, и тие се стопански продуктивни. Мислам дека германската влада не е посебно злонамерна спрема Британците во земјата“.
За пензионерите, кои додека работеле не плаќале пензиско осигурување во фондот на државата во која ја минуваат староста, промените кои ќе произлезат од договорите меѓу В. Британија и поединечните земји на ЕУ можат да имаат тешки последици. Како ќе изгледаат тие промени во голема мера зависи од тоа како Велика Британија ќе ги третира Германците, Шпанците и другите странци од ЕУ кои живеат во Обединетото Кралство.
„Прашање е како Велика Британија ќе им пријде на преговорите со остатокот од ЕУ, дали ќе се обиде да постигне договор со цела ЕУ или ќе преговара со секоја земја поединечно? Тоа не го знаеме, оти не постои никаков план“, вели Ворт.
Солидарност со оние што гласаа за останување во ЕУ
Насекаде во Европа сега се организираат кампањи за солидарност. Една од најнеобичните е „Романците ги посвојуваат оние што гласаа за останување“. Во неа се вели: „Добрите луѓе кои гласаа за останување во ЕУ и ги споделуваат нашите европски вредности, заслужуваат да припаѓаат кон нашето семејство. Да се погрижиме тие сега да бидат посвоени од некој Романец“.
Во Берлин иницијативата „Граѓаните за Европа“ нуди правна помош за луѓе кои сакаат во земја на ЕУ да побараат државјанство или барем дозвола за престој. Наједноставен пат е да се побара државјанство во земјата во која барателот живее. Проблем притоа е дека некои земји поставуваат одредени правила за своите граѓани. Белгијците, Грците и Луксембуржаните, на пример, задолжително мораат да одат на гласање кога има избори.
Во германското државјанство, напротив, „практично погледнато нема никакви очигледни негативни последици“, вели Ворт и категорично советува барање да се поднесе најдоцна до јули 2018. година, прв термин во кој Велика Британија официјално би можела да ја напушти ЕУ.
Според германското право, за да се поднесе барање за државјанство мора да се живее најмалку осум години во земјата, односно шест години ако странцот поминал одредени „мерки за интеграција“. Освен тоа, барателите мораат сами да заработуваат за свojата егзистенција и да зборуваат германски.
Процесот се компликува за оние, кои сакаат да го задржат британското државјанство. Двојно државјанство е политика за себе. „Дозволено е да имаш истовремено германски и друг пасош од ЕУ, но ако Велика Британија ја напушти Унијата прашање е дали и на неа ќе се однесува тоа правило? Тоа не го знаеме. Но, кој веќе има двојно државјанство, тоа не може да му биде одземено. Затоа е важно засегнатите да се погрижат околу ова прашање пред Велика Британија официјално да ја напушти ЕУ“, вели британскиот консултант Џон Ворт.