1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што знаел Никола Тесла за 3, 6 и 9

19 август 2017

Тесла веруваше дека бројките 3, 6 и 9 се клучот на универзумот. Новата македонска влада верува дека преку концептот 3-6-9 може да го насочи македонскиот универзум кон европското соѕвездие. Периодот е краток, времето тече

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Кој знае, може владините спин-доктори се потпреле на речиси религиозно верување на славниот Никола Тесла во вселенската моќ на три броја кога концептот за работењето на кабинетот на Зоран Заев го означија како 3-6-9. Владата верува дека во динамиката на овие бројки поврзани со месеци ќе може да го направи големиот чекор за Македонија да тропне на подотворените врати на Европската Унија, а можеби и на НАТО.

Тесла го изјавил ова:

„Ако ја знаете величественоста на 3, 6 и 9 тогаш ќе го имате клучот на универзумот“.

Минатата година некои научни списанија напишаа дека конечно била откриена тајната на 3, 6 и 9 и дека таа е поврзана со мистериозноста и генијалноста на Никола Тесла. Пред сто и повеќе години тој спроведуваше експерименти кои беа зачудувачки и нелогични за неговото време, дури и налудничави. Дури ни денес таквите експерименти нема кој да ги замисли, а уште помалку да ги направи. Но Тесла бил мистерија сам за себе. Наводно, три пати го заобиколувал блокот каде што живеел пред да влезе во зградата, ја чистел чинијата со 18 салфетки, а живеел во хотелски соби чиј број морал да бил деллив со 3. Во секоја ситуација, наводно, правел калкулации со бројот на предметите што го опкружувале за да биде сигурен дека тие биле делливи со 3. Ја убедувал и неговата околина во моќта на тие три бројки, но малкумина го слушале. Зошто Тесла верувал во тие бројки и како го објаснувал нивното значење за вселената. Според објаснувањето, каде и да се наоѓате во вселената 1+2 секогаш е еднакво на 3 и универзумот е конципиран според тој закон, а не според силата 2 на бинарниот систем – 1, 2, 4, 8, 16, 32, 64, 128, 256...  Во тој пристап никаде ги нема 3, 6 и 9.

Фотографија: public domain

Но загадочноста на Тесла не е само во верувањето во моќта на овие три бројки. Тој еднаш успеал да направи и вештачки земјотрес на Менхетен, кој ги исплашил њујорчани. Еве што напиша „Њујорк ворлд“ на 11 јули 1935 година:

„Никола Тесла откри дека земјотресот кој ја привлекол полицијата и амбулантните возила во регионот на неговата лабораторија во улицата Хаустон во Њујорк, во 1898 година, бил резултат на една мала машина време 'што може да се стави во вашиот џеб од капутот‘со која експериментирал во тоа време. На изненадените новинари Тесла им објасни како се случило тоа. ’Јас експериментирав со вибрации. Имав една од моите машини и сакав да видам дали би можел да ја фатам вибрацијата на објектот. Одев степен по степен. Имаше чуден звук на пукање. Ги прашав моите помошници од каде доаѓа звукот. Тие не знаеја. Ја засилив машината. Имаше погласен звук на пукање. Знаев дека се приближувам до вибрациите на челичната конструкција. Ја ставив машината на најсилен степен. Одеднаш сите тешки машини на местото летаа наоколу. Зедов чекан и ја скршив машината. Надвор на улица имаше пандемониум. Пристигнаа полицијата и амбулантните возила. Им реков на моите помошници да не кажуваат ништо. И кажавме на полицијата дека мора да е земјотрес‘".

Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Танкиот мраз на обвинителот и антикорупционерите

Тоа беше дел од светот на Никола Тесла. Овдешните политичари веруваат дека новата енергија произлезена од новата влада ќе може преку концептот 3-6-9 да го насочи македонскиот универзум кон европското соѕвездие. И дека таа енергија може да предизвика вештачки земјотрес во државата по кој работите нема да се урнат туку ќе си дојдат на свое место. Не знаеме дали Зоран Заев врти три пати околу владината зграда пред да влезе во неа, или тоа го прави Бујар Османи. И дали Никола Димитров ја чисти чинијата со 18 салфетки.

Но магичноста на бројките некако ја губи моќта. Поминаа 80 дена на новата влада а поради блокадата на парламентот целиот концепт може да почне да се топи. А допрва треба да следи паузата за локалните избори. Дали новото мнозинство се прелажа во пресметката, очекувајќи дебата во рамките на коректноста во Собранието околу разрешувањето на обвинителот Марко Зврлевски. Ако СДСМ и партнерите се надеваа на вмровски политички бон-тон, тогаш малку работи сфатиле од минатото. Не само од декември 2012 година и годинашниов април, туку од сите 11 години како функционираше пратеничката машинерија на ВМРО-ДПМНЕ. Сто, двесте закони во еден ден – тоа не беше никаков проблем за ВМРО-ДПМНЕ кога беше власт, како што сега не беше проблем со бесмислени реплики и контрареплики, со поенти слични на средношколски штосови, со купишта закони препишани од програмата на сегашната власт и со редица интерпелации да го банализираат самото Собрание. ВМРО-ДПМНЕ верува дека сегашната влада е само мало интермецо во нивното владеење и дека тие ќе се вратат на власт затоа што таа природно им припаѓа.

Во тоа интермецо во кое веруваат треба да се искористат сите, како што беше искористен Марко Зврлевски. Дали Зврлевски ги слушна овие зборови на Илија Димовски кога од говорницата објави дека вмровските пратеници ја прекинуваат дебатата за неговото разрешување: „Нашата цел е постигната. Во ниту еден момент не мислевме дека со каква било дискусија ќе го смениме мислењето на кој било од овие 62 пратеници од тенкото мнозинство. Но во исто време целата јавност дозна дека СДСМ е одлучно да крши закони и во постапката во Собранието. Нашата цел е постигната и со тоа што сите граѓани на Македонија слушнаа за многу теми што се од нивен интерес – заканата од мигранти, противуставниот закон за двојазичност, антидржавниот договор со Бугарија, проблемите во земјоделството, промашената кадровска политика...“ „Како сум наивен“, можеби си помислил Зврлевски, „а јас верував дека дебатата е за да се зачува мојот интегритет, а таа да ти била вмровски мост за локалните избори“. А можеби и не си помислил ништо, бидејќи очекувал ваква злоупотреба на неговата судбина.

И членовите на Антикорупциската комисија веројатно веќе се запрашуваат да не биле ставени на танок мраз со барањето на четворица пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да се изјаснат за законитоста на постапката за разрешување на Марко Зврлевски. Тие се изјаснија онака како што сите предвидуваа, но Илија Димовски во истото обраќање мавташе со нивното известување кое го објавиле медиумите, а тие, наводно, го презеле од нив, обидувајќи се да се дистанцира од антикорупционерите и нивната одлука. Но затоа спикерот Талат Џафери во една остра реакција ги обвини антикорупционерите дека се обидуваат да му командуваат на Собранието (кое нив ги избрало), иако тоа од нив не побарало никакво барање за оценување на законитост на постапката. Во објаснувањето на Џафери можеше да се насети идна расправа за одговорност на антикорупционерите бидејќи се вмешале во работи кои не се во нивна надлежност. Тоа е вообичаена наивност на оние коишто мислат дека се многу важен забец во политиката за потоа да се најдат зачудени како биле злоупотребени и исфлрени заради партискиот интерес на некои други. Јасно е дека тоа не е измислица само на една партија во Македонија, уште помалку дека тоа се случува само овде – секоја политика во светот ја користи наивноста и лошата проценка на оние кои во одреден момент се понудиле да и служат.

Захарова бара објаснувања Фотографија: picture alliance/dpa/I. Pitalev

„Претседателката“ Захарова

Во меѓувреме, додека Владата се обидува да го најде горивото да го стави во погон проектот 3-6-9, а времето тече како песок низ прсти, една епизода го означи прекинот на врските, или стравот, или претпазливоста (како сакате) на комуникацијата меѓу Скопје и Москва, барем онаа што досега ја познававме. Откако министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за агенцијата Блумберг изјави дека „и пред изборот на новата влада имаше информации за обидите на Русија да постигне влијание во клучните политички области и во областа на безбедноста. Загрижени сме од овој факт. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да стави крај на овие обиди“, Москва, како од советското време, побара да и се доставел транскриптот од ова интервју. Користејќи го истиот метод како во случајот на интервјуто на српската премиерка Ана Брнабиќ, исто за Блумберг, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја повика новинската агенцијата да го објави целиот текст од интервјуто, како и аудио и видео снимката од разговорот со Шекеринска. Захарова оцени дека во таквите инсинуации на Шекеринска Москва гледа „обиди на непријателите на Русија и Македонија дополнително да ги искомплицират традиционално пријателските односи меѓу земјите“. „Тие се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од реалните закани, кога станува збор за суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, посебно со вовлекување на земјата во НАТО, не земајќи ги предвид националните интереси“, додаде Захарова.

Шекеринска веднаш изјави дека нема намера да се меша во работата ниту на домашните, ниту на странските медиуми и дека не планира да ги бара транскрипите од интервјуто за Блумберг.

Случајот со Ана Брнабиќ беше идентичен. Откако таа за Блумберг изјави: „Ако биде приморана, Србија ќе ја избере Европската Унија а не Русија“, го навлече гневот на Москва, па Брнабиќ на рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин, театрално му го предаде транскриптот на интервјуто како за својата работа да одговара во Кремљ, а не во српското собрание. А и да му дообјасни на рускиот амбасадор што, всушност, кажала во интервјуто. И Шекеринска и Брнабиќ одлично зборуваат англиски и точно знаат што кажале, а што не рекле за Блумберг. Но Захарова, во манир на претседател, бара од нив да се доизјаснеле.

Клучното прашање од каде и е на Захарова правото да ја толкува и српската премиерка и македонската министерка за одбрана и да бара исправна смисла во нивните зборови. Има огромно значење во гестот на Шекеринска еден македонски министер да не полага сметки за своите изречени зборови во Москва, која како да не може да сфати дека нејзиното влијание овде (и покрај пансловенските симпатии) е маргинално. И тоа кај сите најважни политички политички партии, кои се едногласни дека клучот за македонската безбедност е во НАТО а не на исток. Овој гест на Шекеринска (веројатно така би направиле и други министри, не само од оваа влада туку и од преходните) е дел од нагласената самосвест на огромен дел од општеството дека нема веќе тутори, дека нема веќе политички патронажни сестри, дека Македонија може да биде дел од европската архитектура на одговорни нации. И дека нејзините политичари нема да доставуваат транскрипти на она што го кажале ни во Брисел, ни во Москва, ни во Вашингтон, но ќе можат да дадат придонес во европскиот проект. Чиј дел, се разбира, треба да биде и Русија.

Оваа епизода на свој начин е дел од проектот 3-6-9, но за негово исполнување ќе треба многу повеќе отколку што е, на пример, разрешувањето на Марко Зврлевски. Малку време, а многу работи. А изгледа како ништо да не е почнато. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми