1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путиновиот молскавичен одговор на Рамштајн

Јури Решето
29 април 2022

Блеф или аларм? Колку се опасни заканите на Владимир Путин за „молскавичен одговор“ на вмешувањето во војната во Украина?

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: IMAGO/SNA

Ако деновиве разговарате со Летонци, повеќето од нив не исклучуваат потенцијален руски напад врз нивната земја. Летонија не само што дели долга заедничка граница со Русија, туку и долго заедничко советско минато, што тука едноставно се нарекува окупација.

Трите балтички држави повторно се независни од 90-тите години на минатиот век. И тие сакаат така и да остане. Посебно сега. По рускиот напад врз Украина, особено се вознемирени оние кои не ги сфатија сериозно предупредувањата на американските тајни служби за овој напад.

Затоа за многумина алармантно звучеа зборовите на рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на државниот врв во Санкт Петербург, во средата на 17 април. Ако некој директно се вмеша во војната, се закани Путин, неговата земја ќе реагира со молскавична брзина: „Ги имаме сите инструменти за тоа“, рече шефот на Кремљ, „и нема да се фалиме. Ќе ги искористиме ако е неопходно. И јас сакам тоа сите да го знаат“ . Според Путин неопходните одлуки за тоа се веќе донесени. 

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

00:21

This browser does not support the video element.

Атомска закана?

Но кои точно инструменти? Независниот руски воен експерт Јури Федоров не исклучува дека Путин притоа мислел на атомско оружје бидејќи во заканата тој јасно мислел на земјите кои поседуваат нуклеарно оружје, пред сѐ на САД и Велика Британија. Во интервју за ДВ, Федоров истакнува: „Путин и неговите советници се убедени дека Украина не може да се победи со конвенционално оружје. Кремљ го гледа нуклеарното оружје како „ултима рацио“ (латински за „последниот аргумент“ – забелешка на авторот), оружјето што ќе го одреди исходот на војната“.

Повеќе: Генерал Хоџис: Русија и Путин скапо ќе ги чини евентуалната употреба на нуклеарно оружје

Покрај атомското оружје, рускиот претседател би можел да мисли и на руската хиперсонична ракета Циркон, се сомнева Федоров, проектил кој се лансира од брод и напаѓа поморски цели. Во класификацијата на НАТО тој се нарекува СС-Н-3. Ракетата Циркон навистина лета брзо, вели Федоров, но не и далеку, само 300 до 400 километри: „Сепак, на Путин му се допаѓа, тој е многу горд на неа, бидејќи брзо лета“. Воениот експерт сепак се сомнева во ефикасноста на Циркон: „Ако сакате да уништувате цели на земја, брзината не игра голема улога“.

Лансирање на хиперсоничната ракета Циркон од руски воен брод во јули 2021 годинаФотографија: Russian Defence Ministry/picture alliance/dpa

За Андреј Колесников од поранешниот московски Карнеги центар (мораше да биде затворен во април 2022 година по наредба на руската влада - забелешка на авторот), зборовите на шефот на Кремљ се реакција на состанокот на НАТО во американската воена база Рамштајн во Германија.

Путин е во ќорсокак

Политикологот  во интервју за ДВ ја анализира заканата на Путин на следниов начин: „Сè што тој вели нема стратешки, туку тактички, реактивен и опортунистички карактер“. Колесников забележува дека Путин може да ги промени своите планови во зависност од ситуацијата: „Кога се вели дека сè оди според планот, никој не знае точно од што се состои тој план и кои се неговите цели. Путин веројатно има подвижна цел. Зависи од тоа што се случува на Запад и на фронтот“.

Колесников во Путин гледа „без сомнение личност која е доведена во ќорсокак и се дејствува сè побрутално“. Реториката на Путин исто така стана побрутална: „Тој никогаш не беше особено отворен за дијалог, но во сегашната ситуација преговорите за него имаат факултативен карактер“.

Независниот руски политички експерт Абас Гаљамов смета дека зборовите на Путин се само обична пропаганда. Во интервју за ДВ тој го спореди рускиот претседател со тигар: „Но, сите разбраа дека тигарот е направен од хартија. Тој треба да им докаже на сите дека тоа не е вистина, но не може да направи ништо. Така што, му остануваат само зборовите“. Овие зборови се обид  одреден дел од слушателите да биде уверен дека шефот на Кремљ сѐ уште е силен.

„Ги имаме фактите: Русија нападна, има воени злосторства и херојска одбрана од страна на Украинците“, констатира Гаљамов. За западните политичари, овие факти се одлучувачки за нивните постапки. Затоа политикологот не очекува дека Западот наеднаш „ќе истрча во сосема друга насока“ по новата закана на Путин. Грешка на Путин е што тој сè уште мисли дека неговите зборови имаат тежина, резимира Гаљамов.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми