1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи враќањето на работниците од странство?

Хелена Пуљиз
4 април 2020

Масовно враќање на работниците останати без работа во екот на пандемијата на коронавирус за државите од Балкан значи и помалку дознаки во иднина. Колкав ќе биде тој удар, зависи од тоа колку ќе потрае кризата.

Symbolbild Dinar Euro
Фотографија: DW/N. Rujevic

Стотици илјади граѓани на Србија, БиХ и Хрватска во последните недели се вратија во своите земји. Иако уште нема прецизни податоци, според лични сведочења може да се заклучи дека голем број од нив останале без работа во западна Европа, зашто работеле со несигурни договори за работа или на црно. Кризата со коронавирусот ги остави без работа и прашање е колку таа ќе трае.

Властите во регионот се занимаваат со итни мерки кои би требало да ги ублажат економските последици од пандемијата и како уште да не се размислува што значи масовно враќање на невработените од странство. Не е проблем само фактот што ќе се зголеми бројот на невработени, туку би се намалила и сумата на дознаки од странство, парите кои гастарбајтерите им ги праќаат на роднините или пријателите, би можеле значително да се намалат.

Српските граѓани во последните години во татковината испраќаат меѓу три и четири милијарди евра годишно, што е околу десет проценти од вкупниот бруто домашен производ. Во соседството процентите се исто така забележителни, во Хрватска – околу 6,6, а во Бих – меѓу 11 и 13 проценти.

„Најголем дел нема да падне на товар на државата“

Професорот на белградскиот Економски факултет Љубодраг Савиќ за Дојче веле истакнува дека не очекува повратниците да бидат на товар на државата, зашто воглавно се враќаат со свои заштеди. Тој смета дека западните економии, кога ќе спласне кризата поради пандемијата на коронавирус, повторно масовно ќе бараат работници кои ги извршуваат работите кои домашното население не сака да ги врши, па и дознаките од странство повторно ќе потечат кон Србија.

Повеќе:

ЕУ: „Соработка и солидарност“ со Западен Балкан?

Што треба да знае секој лекар? Германски!

Западен Балкан, внатрешниот двор на Европа

Вучиќ и коронавирусот: од шегаџија до нервозен очув

„Сите тие се добредојдени и имаат право да се вратат дома. Уверен сум дека мнозинството од нив сигурно неколку месеци нема да биде на товар на државата, зашто имаат заштеди, а и очекуваат проблемите да се од привремен карактер, па ќе можат да се вратат во државите каде работеле“, вели Савиќ.

Шефицата на хрватскиот Економски институт, Марушка Визек, која деновиве предизвика внимание во јавноста со претставувањето 16 антикризни мерки кои би требало да ги донесе владата на Андреј Пленковиќ, во оваа фаза не очекува позабележително враќање на хрватски работници. Меѓутоа, колку подолго трае кризата, смета дека поголем број луѓе би бил склон да се врати во земјата.

Иако дознаките имаат значаен удел во хрватскиот БДП, Визек нагласува дека тие не се „варијабла која е под контрола на носителите на економска политика.“ Со други зборови, какви мерки и да преземе на пример Хрватска, таа не може да влијае на тоа дали и колку луѓе ќе работат во странство и ќе праќаат пари дома.

Долгорочни последици?

Професорот од сараевскиот Економски факултет Фикрет Чаушевиќ смета дека помасовно враќање на работници од БиХ е извесно. „Застојот на животните текови неминовно подразбира голем пад на производството и последичен голем пад на побарувачката за работа“, вели тој за ДВ.

„За жал, многу веројатно е дека драстичното социјално дистанцирање, дури и ако трае само два до три месеци, ќе има за последица не само рецесија, туку и депресија. Последиците од враќањето на работници во БиХ, како и во сите земји од Западен Балкан, подразбираат нагла промена во ‘приоритетот на проблемите'“, истакнува Чаушевиќ за ДВ.

Тој додава дека во новите околности може да се очекува позначаен раст на невработеноста и нагол раст на социјални проблеми кои, како последица, ќе ги вклучат и повратниците.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми