1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи упадот во Капитол за западните демократии?

Кристоф Хаселбах
8 јануари 2021

Упадот во американскиот Капитол предизвика политички шок ширум светот. Во Германија лани т.н. кверденкери (оние кои мислат поинаку, н.з.) се обидоа да го заземат Рајхстагот. Колку е загрозена демократијата во светот?

USA Washington | Sturm auf das Kapitol | Konföderierten-Flagge
Фотографија: Mike TheilerREUTERS

Библиски „Град на брегот“, светол пример за целиот свет - од основачот Џон Винтроп до претседателот Роналд Реган тоа со векови беше самопоимањето на САД. Денес сопартиецот на Трамп и поранешен претседател на САД, Џорџ Буш, вели дека настаните потсетуваат на „банана република“.

На настаните во Вашингтон со голема злорадост реагираа токму оние влади кои вообичаено од страна на САД се критикувани за недостиг на демократија - од Венецуела до Кина. „Меурите на 'демократија' и 'слобода' се распрснаа“, напиша на официјален Пекинг блискиот „Глобал Тајмс“ непосредно по новите апсења на членови на демократското движење во Хонгконг од страна на кинеската влада.

Повеќе:Во 220-годишната историја американскиот Капитол не видел вакво насилство

САД - четворица мртви за време на безредијата пред Конгресот

САД веќе не е пример

Бен Роудс е свесен дека нападот на Конгресот претставува длабок засек. Советникот за безбедност на поранешниот американски претседател Барак Обама за агенцијата АФП предвидува: „Овие слики трајно ќе ја променат сликата на светот за САД. За жал, обезвреднувањето на демократијата доаѓа до точка кога авторитарниот национализам е во поход на секој континент.“

Мора да се вратиме до времето на националсоцијализмот во 1920-те и 1930-те за да најдеме примери за слични сцени во Европа. Во 2006 година толпа десни екстремисти упадна во унгарскиот парламент и со недели водеше улични борби со полицијата - што беше еден од факторите за подем на деснопопулистичкиот премиер Виктор Орбан.

Со знаме на Рајхот кон парламентот

Најновиот пример меѓутоа доаѓа од Германија и се случи пред само половина година. Членови на организацијата Кверденкер (кверденкер - оној кој мисли поинаку, неконвенционален мислител кој размислува искосено, а не по утврдени патеки, н.з.), кои демонстрираат против корона-рестрикциите, стигнаа до скалите на Рајхстагот. Притоа се вееја голем број знамиња од царското време на Рајхот. Демонстрантите не стигнаа толку далеку како приврзаниците на Трамп во Вашингтон, но шокот, особено во Германија со нејзината историја, беше голем.

Протест на кверденкерите пред Рајхстагот (29.08.2020, Берлин)Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Sommer

Министерот за надворешни работи Хајко Мас направи паралели уште во текот на ноќта: „Од потпалувачки зборови се раѓаат насилнички дела - на скалите на Рајхстагот и сега во Капитолот.“

И германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер прави споредба и ги повикува Германците: „Омразата и хушкањето ја загрозуваат демократијата, лагите ја загрозуваат демократијата, насилството ја загрозува демократијата.“ Штајнмајер, уште кога ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи, го нарече Трамп, кој во тоа време беше во изборна кампања, „проповедник на омраза“.

Паралели, меѓу другото и во потфрлањето на институциите, гледа и Миро Дитрих, кој со години го анализира десниот екстремизам на интернет. Во двата случаи имало јасни знаци онлајн, вели тој: „Безбедносните власти, надлежни за заштита, меѓутоа, тоа не го видоа. Алтернативната стварност која се создава на интернет, која сосема јасно повикува на насилство и го организира, едноставно не се согледува.“

Повеќе:

Како да се казни Трамп?!

Последните денови хаос на Доналд Трамп

„Самиот претседател ја доведува во прашање демократијата“

Колку се големи политичко-општествените разлики? И, колку е ранлива демократијата? Истражувачот на партии Себастијан Буков оценува: „Одлучувачка разлика е тоа што во САД самиот претседател постојано ја става демократијата под знак прашалник.“ Акцијата во Берлин, пак, според него, е реализирана од „мало радикално малцинство во општеството“.

Неговиот колега, политикологот Ханс-Јирген Пуле, во разговор со ДВ за САД вели: „Земјата е многу поларизирана. Социјалните тензии се многу поголеми отколку во Европа.“ И, токму во време на тензии, „меѓу другото и поради политиката на Трамп“, Претседателот својата улога ја гледа во насока на натамошна поларизација, додава тој. „Таков претседател САД досега немале.“

Штета направена од приврзаниците на Трамп на влезот на Капитол: Колкава е штетата за демократијата?Фотографија: Alex Wong/Getty Images

Секој петти Американец смета дека акцијата била добра

Колку е поделено американското општество покажува и едно актуелно истражување на YouGov во врска со упадот во Капитол. Резултатите покажуваат дека 45% од приврзаниците на Републиканците имаат симпатии за насилната акција, додека 43% ја отфрлаат. Од испитаниците вкупно секој петти смета дека акцијата е во ред, односно 21%.

Ханс-Јирген Пуле смета дека „во моментов во западна Европа нема вакви состојби и дегенерации на насилство на хоризонтот“. Себастијан Буков исто така врз основа на лајпцишка студија за авторитаризам заклучува дека „задоволството со демократијата е стабилно, дури и се зголемува, но истовремено има мал дел од општеството кој се радикализира и кој ја отфрла демократијата“. Меѓутоа, процентот на тие луѓе е едноцифрен.

Решение - политичко учество кое носи нешто

Популизмот, според Пуле, не е проблемот, туку многу повеќе е „симптом за дефекти кои може да ги имаат демократиите и за недоволно политички решенија“. Најдоброто средство против популизмот „е добра политика на непопулистички партии и политичари, како и разумна, отворена, искрена политичка комуникација“ без лажни ветувања.

Буков за ДВ вели дека популизмот е и „играње со претпоставената немоќ“ и затоа на луѓето треба да им се покаже дека „може да придонесат за нешто да се оствари“, на пример во некоја партија.

Што се однесува до улогата на САД како демократски пример за светот, политикологот Пуле вели дека отсекогаш сметал оти тоа е претерано. Според него, за луѓето кои ги идеализираат САД е добро да видат дека и таа земја понекогаш „не е многу оддалечена од банана република“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми