Севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун во пропагандни цели позира јавајќи на бел коњ пред највисоката планина на Корејскиот Полуостров, Пекту. Се шпекулира дека излетот веројатно е вовед во важна политичка одлука
Реклама
Севернокорејските медиуми денеска објавија серија фотографии на својот лидер Ким Јонг Ун, пишувајќи дека „неговиот марш на бел коњ на планината Пекту има големо значење за корејската револуција.“ Државните службеници кои биле во негова придружба, според пишувањето на медиумите, „со прекумерна радост и бурни емоции се убедени дека тој планира голем потфат што ќе го запрепасти светот“. Не е познато кога се направени снимките, а не е ни првпат тој да се фотографира на падините на Пекту, на границата кон Кина. Во Јужна Кореја се шпекулира дека излетот кон Пекту, како и неколкупати претходно, веројатно е вовед во важна политичка одлука. Што носи овојпат Ким во дисаѓите, не е познато...
2750 метри високиот вулкан Пекту во Северна и во Јужна Кореја се смета за „света планина“. Во Северна Кореја, која е под сталинистички печат, Пекту важи и за симбол на династијата Ким. Таа е на власт околу 70 години во осиромашената, но „до заби“ вооружена земја. Со доаѓањето на чело на државата во 2011 година, Ким од својот татко Ким Јонг Ил, како и од дедото Ким Ил Сунг го презеде и култот на личноста.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.